Во Државното музичко училиште во Битола, каде што помина 38 години образувајќи генерации и генерации врвни музичари- виолинисти, денеска се одржа комеморација за големиот музичар, виолинист, педагог и визионер, професорот Зоран Маневски (1962-2026).
Концертната сала беше полна со колеги, музичари, поранешни ученици и сограѓани кои дојдоа да му оддадат почит. Комеморацијата започна со едноминутно молчење за професорот, кој почина на 63-годишна возраст, а зад себе остави многу музика и врвно обучен музички кадар.
„Беше од оние ретки луѓе кои не само што знаат многу, туку умеат да го пренесат тоа со љубов и трпение. Неговото име ќе остане запишано во историјата на музичката педагогија, Зад себе остави генерации ученици, врвни виолинисти, музичари, педагози, но, пред сѐ, добри луѓе со голема страст кон музиката како неговата. Тие освојуваа бројни награди на државни и меѓународни натпревари, настапуваа со Македонската филхармонија, стануваа дел од светски оркестри и имаа успешни музички кариери. Преку нивните успеси, награди, настапи и кариери, професорот продолжува да живее“, рекоа Маја Митровска, професорка по соло пеење и Марија Шамоска-Буџаковски, директорка на Државното музичко училиште.
Од неговата класа излегоа виолинистите Владимир Костов, Томислав Костовски, Оливера Трајкова, Игор Милевски и многу други.
Маневски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Прво беше вработен во Македонската филхармонија, а од 1988 беше професор по виолина во Музичкото училиште во Битола. Учествуваше на бројни симпозиуми со свои трудови значајни за музичката активност, магистрираше со труд за рана идентификација на знаците на музичка надареност кај децата. Беша и автор на значајни збирки за виолина и пијано за ученици, како и на албум со камерна музика. Добитник е на бројни признанија, меѓу кои и награда „Св. Кирил и Методиј“ за најдобар наставник во средното образование и Награда за повеќегодишната успешна работа во областа на музичката педагогија од Здружението на музички и балетски педагози на Македонија.
Беше и голем чувар на македонската музичка традиција. Со групата „Мегдан“ остави богато музичко творештво, настапуваше како солист со Македонската филхармонија и со Битолскиот камерен оркестар.
„Беше еден од основачите на Камерниот оркестар на Битола и неуморно се бореше да опстане и да расте. Трагаше по партитуди, ги обединуваше музичарите и веруваше дека Оркестарот е дом на сите музичари и дека заслужува да биде трајна вредност на Битола“, рече Митровска.
На крај, таа додаде дека жали што не успеале со Маневски да ги снимат шпанските дуети, за кои тој толку зборувал, но ако некогаш ги отпее, тоа ќе биде во негова чест.
Погребот на професорот Маневски се одржа денеска во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



