ЗОШТО БРЕМЕНИТЕ РОМКИ ВО БИТОЛА НЕ ГИ КОРИСТАТ ДОВОЛНО БЕСПЛАТНИТЕ ГИНЕКОЛОШКИ ПРЕГЛЕДИ – КАМПАЊА ЗА ПОДИГАЊЕ НА СВЕСТА ЗА РЕПРОДУКТИВНОТО ЗДРАВЈЕ

    ЗОШТО БРЕМЕНИТЕ РОМКИ ВО БИТОЛА НЕ ГИ КОРИСТАТ ДОВОЛНО БЕСПЛАТНИТЕ ГИНЕКОЛОШКИ ПРЕГЛЕДИ – КАМПАЊА ЗА ПОДИГАЊЕ НА СВЕСТА ЗА РЕПРОДУКТИВНОТО ЗДРАВЈЕГинекологот и акушер Емилија Јашовиќ –Сивеска укажува дека на бремената жена која е прворотка ѝ следуваат бесплатно 10 гинеколошки прегледи, а на повеќеротката седум, кои не мора секогаш да се ултразвучни. (Фото: принтскрин од документарниот филм „Дали си подготвена“)

    Бесплатните превентивни гинеколошки прегледи за бремените жени Ромки се многу малку искористени. Недостигаат матични гинеколози, а има и случаи на незаконската наплата на услуги кај некои од нив, кои инаку се бесплатни. На ова укажа документарниот филм „Дали си подготвена“ снимен во рамки на Кампања за подигање на јавна свест за репродуктивно здравје и здрава бременост кај ромското население преку проектот „Баир- Здружена акција“.

    „Имав регистрирано матичен гинеколог кој почна да ја води мојата бременост. Во почетокот на мојата бременост кога и да направев преглед секогаш ми беше наплатуван. Иако бев свесна дека не е во ред од негова страна, радоста која ја чувствував ми беше поважна и не сакав да се занимавам околу правата кои ми беа злоупотребувани. На крај решив да се откажам од него и си регистрирав друг гинеколог кој редовно ја следеше мојата бременост без да ми наплати ни еден денар“, раскажува Узурџан Маликовска , ромски здравствен медијатор.

    Таа додава дека Ромките тешко успеваат да регистрираат матичен гинеколог од женскиот пол.

    „Традицијата и културата на муслиманските жени не дозволува матичен гинеколог од машкиот пол, па затоа сакаат прегледите да им ги извршува жена. Но , често се случува да бидат одбиени зашто бројот е пополнет и немаме место за нови пациенти“, вели Маликовска.

    Во Битола има гинеколози кои работат професионално и законски, а пружаат услуги на Ромки. Во филмот зборува Тони Анастасиевски, специјалист гинеколог-акушер, матичен лекар кај кого поголем број Ромки ги добиваат прегледите што законски бесплатно им следуваат. Тој вели дека редовните прегледи се значајни зашто голем дел од родилките се малолетни, а кај некои и бременостите се зачестени, една по друга.

    „Забележувам дека кај нив најчесто имаме забременување од 14 до 16 години, а главните проблеми настануваат по раѓање гледано од социо-психолошки аспект зашто има незрелост да се биде родител. Важно е втората или третата бременост да биде неколку години по првата кога ќе бидат зрели родители“, вели Анастасиевски.

    Гинекологот и акушер Емилија Јашовиќ –Сивеска укажува дека на бремената жена која е прворотка ѝ следуваат бесплатно 10 гинеколошки прегледи, а на повеќеротката седум, кои не мора секогаш да се ултразвучни.

    Анкетата „Грижа за здравјето на Ромите“ направен во проектот покажа дека во Битола дури 32 проценти од жените Ромки воопшто не посетуваат гинеколог, 77,8 проценти не вршат преглед на градите, 71, 4 проценти не знаат за мамографија, 86 проценти од испитаниците не знаат кои мерки за превенција од рак се нудат бесплатно. Во однос на гинеколошките прегледи кај ромското население има многу предрасуди, посебно кога во прашање се невини девојчиња.

    „Девојките немаат доволно знаење. Се прашуваат што ќе се случи ако одам на гинеколог, ќе ја загубам невиноста? Што ако некој ме види, што ќе каже за мене дека не сум невина? Истото го мислат и нивните родители. Не знаат дека кога одиш на гинеколог постојат посебни прегледи, те прашуваат дали си или не невина. Постапката во тој случај е друга и не можеш да ја загубиш невиноста’’, вели Фатма Бајрам –Аземвска од „Сумнал“ –Битола.

    Филмот „Дали си подготвена“ зборува за многу работи поврзани со здравјето на Ромките кои досега биле премолчувани. Проектот „Баир-здружена акција“ финасиран е од Европска Комисија, реализиран во партнерство на италијанската невладина организација -COSV, Преда Плус Фондација и Општина Битола. Во склоп на проектот предвидено е да се реализираат вкупно седум кампањи за подигање на јавна свест кај ромското население кои опфаќаат различни сегменти од секојдневното живеење.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира