ЗОШТО ДВЕ ГОДИНИ НЕ Е ЕКСПРОПРИРАНА ПРИВАТНАТА ПАРЦЕЛА ДО ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ШТО ЈА КОЧИ ЗАШТИТАТА, ПРАША ПРАТЕНИЧКАТА КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА, ЉУТКОВ ВЕТИ РЕШЕНИЕ ВО НАЈСКОРО ВРЕМЕ

    ЗОШТО ДВЕ ГОДИНИ НЕ Е ЕКСПРОПРИРАНА ПРИВАТНАТА ПАРЦЕЛА ДО ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ШТО ЈА КОЧИ ЗАШТИТАТА, ПРАША ПРАТЕНИЧКАТА КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА, ЉУТКОВ ВЕТИ РЕШЕНИЕ ВО НАЈСКОРО ВРЕМЕ„Што планирате да направите за да го заштитите Курбиново со 20.000 денари за 2026 година, знаејќи дека Управата за заштита на културно наследство не успеала да потпише дозвола? Одобривте 20.000 денари за заштитни тремови, кои не можат да се постават. А имавте 2 години да направите експропријација на имотот околу црквата“, рече Костадиновска-Стојчевска. (Фото: СДК.МК)

    Неекспроприраното приватно земјиште што гранички со црквата „Свети Ѓорги“ во Курбиново, а попречува да се стави настрешница за да се заштити храмот однадвор, беше дел од пратничките прашања на денешната собраниска седница. Ексминистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, пратеничка од СДСМ, го праша министерот за култура Зоран Љутков зошто во овие две години откако е на функција не спровел експропријација на земјиштето за конзервацијата на црквата конечно да биде готова.

    „Што планирате да направите за да го заштитите Курбиново со 20.000 денари за 2026 година, знаејќи дека Управата за заштита на културно наследство не успеала да потпише дозвола? Одобривте 20.000 денари за заштитни тремови, кои не можат да се постават. А имавте 2 години да направите експропријација на имотот околу црквата. Две години имавте право и време и шанса на Управата да ѝ обезбедите буџет и конечно црквата во Курбиново да биде готова“, рече Костадиновска-Стојчевска.

    Министерот Љутков потврди дека до Управата од Завод и музеј-Битола било доставено барање за конзерваторско одобрение за поставување настрешница, но не можело да се издаде зашто до црквата има приватна парцела. Тој вети дека во најскоро време ќе се реши проблемот.

    „Кога се влегува во приватен имот, треба да ги прашате сопствениците или треба да се направи измена во законот, па експропријација. Управата за заштита на културно наследство работи заедно со Завод и музеј во Битола и во најскоро време таа работа ќе биде завршена. Кога бевте на власт, еден денар немавте обезбедено за експропријација. Ние сега имаме за оваа година милион евра, така што ќе биде завршена работата “, рече Љутков.

    САКАМДАКАЖАМ.МК денеска објави дека не можат да се постават заштитни настрешници на црквата „Свети Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново, еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот, познат и како македонската „Мона Лиза“, зашто храмот со едниот ѕид граничи со приватна парцела. На приватниот имот е и целиот сегашен приод кон црквата: скалите, паркингот, како и горниот дел на асфалтниот пат, а земјиштето досега не е експроприрано.

    Поради ваквите имотно-правни односи Управата за заштита на културното наследство одби да издаде конзерваторско одобрение за да се изведат преостанатите конзерваторски зафати на надворешниот дел од црквата. Станува збор за проект за конзервација и реставрација (втора фаза) на архитектурата на црквата која предвидува изградба на заштитни тремови (настрешници) за заштита на надворешниот фрескоживопис. За него претходно беше дадено позитивно мислење од стручната контрола и беше дел од Годишната програма на Министерството за култура за 2025.

    Внатрешната конзервација на архитектурата и фрескоживописот заврши пред две години, но црквата не е отворена за редовни посети.

    Овој црковен бисер, изграден во 1191, поради живописот со особените сликарски остварувања е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12. век. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКA

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира