Бремена Ромка од Битола пријавила дека била дискриминирана од здравствен работник во битолската Kлиничка болница за време на преглед, соопшти подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Битола. Таа се пожалила дека медицинското лице ѝ се обратило со погрдни зборови навредувајќи ја за личната хигиена. Битолчанката поднела претставка до Народниот правобранител каде го разгледаа случајот.
„Таа потврди дека од здравствениот работник ѝ била дадена соодветна здравствена заштита и бил извршен преглед. Но, се жалеше на дискриминаторскиот однос кој здравствениот работник го покажал кон неа поради нејзината припадност кон ромската заедница, употребувајќи погрдни и навредливи зборови при вршењето на здравствената услуга“, вели Лилјана Илиевска, заменик Народен правобранител.
За настанот побарале изјава од лекарот и здравствените работници кои биле сведоци на настанот.
„Здравствениот работник во изјавата се насочуваше единствено на тоа дека е извршена квалитетна здравствена услуга , која жртвата на дискриминација не ја порекнуваше. Во вакви случаи, бидејќи Народниот правобранител не е орган на прогон или судски орган, ги упати во судска постапка“, додава Илиевска.
Инаку, етничката дискриминација е еден од најчестите основи за поднесени претставки во Правобранителството во Битола. Годинава биле поднесени три претставки, од кои две за етничка дискриминација. Едната се однесувала на навредливи пароли „Смрт за Ѓупци“ испишани на училиштето „Ѓорги Сугарев“ каде учи претежно ромско население.
Во 2015, битолчанец поднел претставка дека поради етничката припадност не му дозволиле да следи културен настан, а во 2016 друг пријавил дека е дискриминиран зашто како Ром не му дозволиле да ја напушти државата.
Минатата година, Центарот за развој на ромската заедница „Баирска светлина“ излезе со извештај дека во Битола биле регирирани 13 случаи на повреда на правата на Ромите, од кои шест од областа на здравствената заштита.
Ромите почнаа правдата да ја бараат преку суд, а понекогаш и да ја добиваат. Позитивен пример е минатогодишната пресуда на Апелациониот суд од Битола по тужбата на 20-годишна мајка за третманот на телото на мртвото дете како медицински отпад во битолската болница.
„Во случајот станува збор за 20-годишна мајка од населбата Баир, која во 2012 се породила со машко дете во болницата во Битола. По два дена кај детето била забележана промена на бојата на телото и ставено било во инкубатор. На родителите не им било дозволено да го видат и не им биле дадени информации за здравствената состојба. Наредното утро добиле информација дека детето починало од непознати причини. Телото не им било вратено на родителите“, соопштија од РОМА С.О.С.
Судот ја задолжи болницата да им плати на тужителите на име повреда на нивните лични права износ од 30.000 денари со законска казнена камата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА