2006 – ПОНАПРЕД СМЕ ВО РЕДОТ ЗА ВИЗА

    21 јануари
    Премиерот Владо Бучковски и лидерот на ДПА Арбен Џафери се сретнаа на половина пат меѓу Скопје и Тетово. Таму има бензинска пумпа. На пумпа се разговара за нафта. Следниот состанок може да им биде пред некоја трафика. Да разговараат за цигари. Логично би било третиот пат да се најдат во Боговиње. Разговорите за следните избори да ги завршат во некој бордел. Има нафта, има цигари, има увозни танчарки. Значи има и добра основа за коалиција. За оружје не треба да се разговара. Тоа е под контрола на ДУИ. За разлика од Бучковски, Груевски не мораше да бара партнер по патиштата. Џафери му дојде на гости во Скопје. Зошто? Затоа што можеби тој има да понуди нешто што Бучко веќе í го има ветено на ДУИ.

    4 февруари
    Новата економска заедница што ја смисли ЕУ за земјите на Западен Балкан не е обнова на старата СФРЈ. Тоа е само подготовка за влез во ЕУ. Тие што не се дораснати треба да одат на претшколска настава. Ние сега ќе тргнеме во ЕУ градинка. Децата во градинка учат песнички, цртаат, си играат. Ние за почеток ќе учиме почитување закони. Во градинка учителките одат од масичка до масичка и на сите деца им викаат: “Твојот цртеж е најубав”. Нам ќе ни викаат: “Вие сте лидери во регионот”. И така децата ќе се заборават во играњето. Уште и кога учителката ќе ги пофали дека се најдобри, може и да се подмочаат од радост.

    11 март
    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се пожали од СДСМ дека кај неговата мајка е “придодаден имот”. На мајка му í придодале станови додека тој бил министер. Кога како министер за финансии на мама í придодавале станови, што ли ќе í придодадат кога Груевски ќе стане премиер.

    25 март
    Бучковски имаше неколку револуционерни истапи во Брисел. На генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер му рече: “Република Македонија е мало чудо на Балканот, и да ја немаше ќе требаше да биде измислена заради стабилноста на регионот”. Што му рекол Шефер на Бучко? Секое чудо за три дена.

    20 мај
    Бранко ги собра поголемите парламентарни партии за да потпишат декларација за фер и демократски избори. Се договорија дека на овие избори нема да крадат како досега и нема да гинат луѓе. Штом се сликаат за да нî убедат јавно нас и странците дека сега ќе бидат добри, тоа значи дека признаваат оти досега биле лоши. Видете колку убаво друштво беа собрани. Сî докажани борци за демократија со мирни средства. На чело со тој што ги собра. Истите луѓе чии партиски војници 15 години полнеа гласачки кутии, кршеа на избирачките места, пукаа со оружје, па дури и убиваа… Собир на апаши за фер и демократски избори. Сега кога големите партии рекоа дека ќе играат фер, останува прашањето зошто Бранко не ги собра и помалите партии за да потпишат декларација? Значи ли тоа дека тие не мора да бидат фер и демократски како големите. Или малите ќе бидат алиби за белите на големите?

    27 мај
    Си оди Бучко во некое село, во рамките на редовните државнички активности, воопшто не размислува за кампања бидејќи тоа му е забрането, и помеѓу два шута на кош и пресоблекување од фармерки во костум, а потоа во тренерки, ги прашува селаните: Ти што сакаш? Јас сакам два декара земја. Ќе добиеш! Ти што сакаш? Јас сакам трактор за да ја орам нивата. Ќе добиеш! Ти што сакаш? Да ми дадеш пари за краставиците. Ќе добиеш! Ти што сакаш? Пари за тутунот и грозјето. Ќе добиеш. Ти што сакаш? Јас сакам две јајца. Бучко се зачудил, го промаш ил кошот и го прашал селанецот: Зошто само две јајца? За да можам да го комплетирам тоа што ќе го добијат другите

    1 јули
    Американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ може да биде среќна. Денеска цели 5 минути немало некој инцидент. А богами и европскиот претставник Ерван Фуере може следните половина час да одмори, откако ги пофали лидерите на албанските партии дека во последно време не извадиле пиштоли. Прво ми беше жал за госпоѓ ата Миловановиќ и за господинот Фуере што по жештината мораа да ги шетаат албанските села и да им укажуваат на локалните водачи дека е подобро за нив да го остават оружјето. Ама после си реков: Што, пак, да ги жалам? Тие сами си ги создадоа овие албански лидери, сами нека си се справуваат со нивните бели. Знаеја кој дигна востание во 2001 година, а сега не знаат кој пукал во Рашче. Ајде де. Нека си го викнат пак Питер Фејт да ги собуе чевлите и да си се напие чај. Тој ќе им каже кој пукал. И нека не ја викаат полицијата. Оти оваа меѓуалбанска битка и така нема никаква врска со Македонија. Нели и Али Ахмети рече дека “инцидентите се лоши за Албанците, но и за финалниот статус на Косово”. Ниту луѓето на Али Ахмети ниту луѓето на Арбен Џафери сме ги виделе дека веат македонски знамиња. И кога протестираат за човекови права и кога се тепаат со пиштоли меѓу себе, во секоја пригода си го веат албанското знаме заедно со знамињата на САД и на ЕУ. Каде е Македонија во нивната приказна? Ја нема. Македонија е колатерална штета!? Затоа и нема зошто ние да се занимаваме со нив. САД и ЕУ нека си ги скротат монструмите што сами си ги создадоа.

    15 јули
    Груевски вели дека ќе донесе странци за јавен обвинител, за МРТВ, за Фонд за здравство, за Царина… Македонија има сила. Сила за големи чекори. Ама само со луѓе од странство. Значи слоганот на новата влада ќе биде “Македонија има странци. Странци за 100 чекори”.

    29 јули
    Груевски вчера рече дека ДУИ дефинитивно не влегува во новата владина коалиција. Штета. Баш завчера Муса Џафери објасни дека новинарите погрешно го сфатиле кога ги спомена калашниковите. Како може да се сфати некој што како борец за човекови права слегол од планина во влада, особено ако го употребува зборот калашников. Баш ми е жал и за Теута Арифи. Таа во неделата изјави дека ДУИ не прифаќа да биде во опозиција. Сега има две опции. Или да прифати, или да ги остави калаш никовите. И да се фати за зоља.

    12 август
    Во јули 1997 година Бранко Црвенковски, како тогашен премиер и како лидер на СДСМ, на годишната конференција на партијата самокритич ки прашал дали ситуацијата во Македонија е навистина најтешка во Европа. И самиот си одговорил дека “кај нас е неспоредливо подобро отколку во Албанија, СР Југославија и во Бугарија”. Завчера Бугарите ни соопштија дека од жал нема да ни ги наплаќаат визите што мора да ни ги воведат оти ќе влезат во ЕУ. Албанија ги укина визите оти годинава нејзините плажи се преплавени со македонски туристи. А СР Југославија не постои, но Србија продаде еден мобилен оператор за милијарда и пол евра, наспроти нашите 225 милиони за монопол за струја. Тоа е истиот Бранко кој во 1997 година беше премиер во втор мандат, потоа беше лидер на опозиција, па пак премиер, а сега е Претседател на државата и главна личност во СДСМ околу која се вртат сите интриги за новиот шеф на партијата. Кога ќе чекаме во редот за бесплатна бугарска виза ќе имаме време да размислиме за изборот што го имаме во државата. И нека не ме теши меѓународната заедница дека “значајно сме напреднале”. Точно е. Понапред сме во редот за виза.

    19 август
    Кратенката Г8 ја означува групата на седумте најбогати земји плус Русија. Кратенката Г14 се употребува за групата на четиринаесетте најбогати и најсилни фудбалски клубови во Европа. Кратенката Г2 ќе биде ознака на новата влада на Македонија. Градинка и геријатрија. “Весели цветови” и “Панада”. Во градинката водач на групата е Груевски со сите деца што малку пораснале додека тој беше министер за финансии. Во геријатрискиот оддел главниот збор ќе го имаат Михајло Маневски, Вера Рафајловска и Љупчо Мешков. Црвенковски стана премиер на 30 години. Љубчо Георгиевски стана потпретседател на Претседателот на 25 години. И тоа им беше прво вработување. Така што Никола за Бранко и Љубчо е напредно дете, зрело за забавиште, оти на 29 години веќе вежбал како министер за трговија и за финансии. Ова е наследството од времето на Киро Глигоров. Ги тргна настрана тие што можеа да бидат попаметни од него и си го зеде Бранко за да си го манипулира. Бранко порасна и си зеде свои деца за да си ги манипулира. И така стигнавме до ова дереџе. Петнаесет години, цело време ние некого растеме. Го пораснавме Бранко до Претседател и сфативме дека колку што тој расте, Македонија се смалува. Ај сега ќе ги растеме и децата на Груевски. Кај биле 15 години, ќе издржиме уште четири.

    26 август
    Новата влада има идеална шанса да го реши спорот за името со Грција. Државата ќе се вика Република Бачило. Името е соодветно на духот на времето и општиот амбиент. Овци има, овчарите се добро ситуирани, а катастарот покажа дека може да најде пасишта и во центарот на главниот град.

    21 октомври
    Претседателите на земјите од Југоисточна Европа се собраа во Караѓорѓево во Србија на самит за борба против тероризмот и организираниот криминал. Убава дружба. Сите се лидери во земји во посткомунистич ка транзиција. Бидејќи го решија организираниот криминал во сопствените држави, сега им остана да го решаваат глобалниот тероризам. Што ли им кажал Бранко? Евоцирал спомени од минатото. Сигурно им рекол: “И јас така еднаш, кога им се заканив…”. И толку. Додека Бранко беше во Србија, Георгиевски беше во Германија. Во Берлин се виде со Ангела Меркел. Германската канцеларка неодамна магазинот “Форбс” ја прогласи за најмоќна жена на светот. По посетата на Берлин имаме семеен проблем во државата. Мајка му на Груевски доби сериозна конкуренција. Можеби Меркел нема три стана, ама барем зборот кај Груевски ѝ се слуша исто толку колку на мајка му.

    16 декември
    Премиерот магистрираше. Темата на магистерската е: “Странските инвестиции и нивното влијание во развојот на економијата и отворањето нови работни места”. Е па Груевски, како што вели латинската поговорка: “Хик Родос, хик салта!”. Преведено тоа значи: “Еве ти ја државата, сî е во твои раце, направи што знаеш”. Само стотина луѓе во светот имаат шанса тоа што го напиш але да го докажат во пракса. Груевски е еден меѓу нив. Тоа ни на лото не се добива. Премиерот само магистрираш е. Дали положил, ќе видиме во 2010. Тогаш или ќе докторира, или ќе го вратиме во Прилеп на дошколување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари