Чешката полиција објави дека го поврзува масовниот убиец од факултетот за уметности во строгиот центар на Прага со смртта на уште двајца луѓе, кои минатата недела биле убиени во шума близу Прага. Тие веруваат дека 24-годишниот Давид Козак, кој досега немал криминално досие, случајно ги избрал своите жртви.
На вечерашната прес-конференција, министерот за внатрешни работи Вит Ракусан изјави дека во универзитетската зграда е пронајдено големо количество оружје и дека со брзата реакција на полицијата била спречена уште поголема трагедија.
Откако претходно беше објавено дека Козак убил повеќе од 15 луѓе, бројот на жртвите вечерва беше намален на 14, додека 25 луѓе се ранети, од кои десет се во тешка состојба.
Козак го почнал својот убиствен поход во селото Хостоун, оддалечено 20 километри од Прага, каде што го убил татко му. Тој студирал на Институтот за светска историја, сместен во зградата на факултетот за уметности и важел за добар студент. Полицијата прво го барала во друга зграда во која што требало да има предавања и непознато е зошто пукањето го извршил во главната зграда на факултетот за уметности.
„Тој заминал за Прага за да умре и бил инспириран од сличен ужасен настан што се случи неодамна во странство“, изјави шефот на чешката полиција Мартин Вондрашек.
Чешките медиуми ја поврзаа оваа изјава со случајот од рускиот град Брјанск, каде што 14-годишничка уби соученичка пред да се самоубие на 7 декември.
Полицијата веднаш по пукањето објави дека напаѓачот е елиминиран и се истражува дали бил убиен или се самоубил.