Во Чешка утре ќе биде ден на жалост во спомен на жртвите на најсмртоносниот напад од осамостојувањето на земјата. Во нападот на факултетот за уметности во самиот центар на Прага се убиени 14 луѓе, а 25 се ранети, а таму е пронајдено и телото на напаѓачот, 24-годишниот студент Давид Козак. Останува нејасно дали бил убиен или се самоубил.
Полицијата верува дека тој претходно го убил татко му во село оддалечено 20 километри од Прага и го поврзува со уште две убиства од минатата недела. Козак е осомничен дека во шума близу Прага убил млад маж и неговата двомесечна ќерка, чии тела се пронајдени на 15 декември.
Пукањето се случи вчера околу 15 часот, кога Козак отворил оган во ходниците и училниците на универзитетот, навидум случајно избирајќи ги своите жртви. Полицијата кажа дека Козак немал криминално досие, но со себе имал големо количество оружје и муниција.
Пред пукањето, полицијата добила дојава дека тој се упатил кон Прага со намера да се самоубие. Откако татко му бил пронајден мртов, полицијата ја евакуирала зградата каде што Козак требало да има предавање, за набргу потоа да добие повик од друга зграда.
Од 25-те ранети, десет се во тешка состојба, а меѓу повредените нема полицајци. Мотивот на напаѓачот останува непознат, но полицијата кажа дека тој можеби бил инспириран од неодамнешен сличен настан во Русија.