Без разлика каде бев, не постои чувство што ќе ми го замени овој настан пред домашната публика, ова е мојата најголема гордост, рече режисерката Тамара Котевска на синоќешната свечена премиера на нејзиниот документарен филм „Приказната за Силјан“ во полниот салон на Македонскиот народен театар (МНТ). Филмот од 15 јануари ќе се прикажува во скопското кино Синеплекс, а потоа и низ Македонија.
„Овој филм настана без идеја да стигне толку далеку и настана за нашата публика. Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што тек ќе го гледа цела Македонија. Планираме да има премиери, проекции низ цела Македонија во секој град, бидејќи сметам дека луѓето од помалите места и те како заслужуваат да го видат овој филм. Луѓето како Никола и неговата фамилија ни даваат смисла на животот и зошто правам приказни за нив. Сметам дека приказните, особено од подлабоките места во Македонија, од поскриените места, ми се особено драги да ги испопуларизирам, тие се суштината на нашата култура и на нашиот свет“, кажа Котевска.
На премиерата дојде екипата на филмот, а големи овации добија главните протагонисти Никола Цонев, Јана Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева и Јана Цонева од кочанското село Чешиново.

Премиерот Христијан Мицкоски, Котевска, сопругата на премиерот Рози Мицкоска, министерот за култура Зоран Љутков, директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски и продуцентот Јорданчо Петковски. (Фото: К. Попов)
„Особено сум горда на оваа екипа која што се бореше од почеток до крај без никакви финансии голем дел од времето… вакви луѓе стварно заслужуваат буквално сè. Сакам да пратам и поздрав до кинемаограферот Жан Дакар којшто мораше да лета за Америка моментално на Синема авордс. И за крај, посакувам некои работи кои што ги видовте во филмов да се сменат засекогаш, но исто така посакувам некои други да не се сменат никогаш“, рече режисерката.
„Приказната за Силјан“ не влезе во потесниот избор за номинација за Оскарите, ниту во категоријата за Најдобар странски филм, каде беше македонски кандидат, ниту за Најдобар документарец. Во септември „Нешнл џиографик документари филмс“еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, го откупи „Силјан“ за прикажување, а на 28 ноември ја имаше американската кинопремиера во Њујорк.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на ланскииот Венециски фестивал, вон конкуренцијата за награди во документарната програма. Пред две недели освои две награди на Меѓународната Асоцијација за документарни филмови – ИДА за најдобар документарен филм и најдобра камера, а доби и номинација за најдобар филм за престижната американска награда Независен дух (Independent Spirit), која е предвесник на Оскарите. Доби и номинација за награда на Здружението на продуценти на Америка (Producers Guild of America -PGA). Котевска и кинематограферот Жан Дакар, кои се продуценти на филмот, се номинирани во категоријата Најдобар продуцент на документарен филм.
Б. НЕСТОРОСКА





