Жените во Македонија сакаат да зборуваат за менопауза, односно престанокот на менструацијата, и да добијат помош, ама не знаат каде да се обратат, покажа истражувањето на Здружението Новинари за човекови права. Наташа Доковска, програмска директорка на Здружението, вели дека спровеле онлајн истражување во 2022 со 230 жени за овој процес на природно стареење кај жената.
Од 230 жени, нешто помалку од 20 одговориле дека посетиле специјалист за проблемите со кои се соочуваат. На прашањето дали има кај нас доктор специјалист за менопауза со кого се советуваат, помалку од десет жени одговориле дека кај нас има ТАКОВ доктор, околу 50 дека нема, а 180 жени дека не знаат. Исто толку жени не знаат дали има групи за самоподдршка на жените во менопауза, а ниту една жена не посетила таква група, наспроти десет кои одговориле дека слушнале дека има, но не посетиле.
„Од истражувањата и мапирањето на проблемот дојдовме до сознание дека Македонија е една од ретките држави во регионот која нема доктор-еднокринолог специјалист за менопауза. За жал, секогаш кога жената ќе се најде во период каде што едноставно не знае што ѝ се случува, првото прашање од матичниот лекар е: ‘Да не влегуваш во менопауза. Е па, оди на гинеколог’“, вели Доковска.
Од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) велат дека во Македонија не постои официјална централизирана институција посветена исклучиво на пери/менопаузата, но има низа активности низ работатата на медицинските институции, како и иницијативи кои се фокусирани на здравјето на жените во менопауза.
„Клиниката за гинекологја и акушерство (ГАК) во Скопје е најголемата здравствена институција која се грижи за женското репродуктивно здравје, вклучувајќи го и периодот на пери/менопауза, како и МАГО, преку чии активности редовно се организираат трибини, стручни состаноци, јавни обраќања, како и бесплатни прегледи, со фокус на полесна детекција и дијагноза, третман, терапија, како и сеопфатна грижа за општото, женското и менталното здравје во овој период. Оваа година за првпат во државата, МАГО во соработка со ХЕРА, формираа експертска група за пери/менопауза, која работи на изработка на водичи и насоки за подобрување на здравствената грижа на жените во овој период, со обезбедување стручна подршка од повеќе медицински специјалности, како и обезбедување алатки за подигнување на свеста за значењето на менопаузата во женското здравје“, велат од МАГО за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Клиниката за гинекологја и акушерство (ГАК) во Скопје е најголемата здравствена институција која се грижи за женското репродуктивно здравје, вклучувајќи го и периодот на пери/менопауза. (Фото: К. Попов)
Според податоците од МАГО, светот старее и жените живеат подолго од мажите. Во 2025 се очекува бројот на постменопаузални жени во светот да достигне бројка од 1,2 милијарди. Здравјето на жените сè повеќе се препознава како глобален здравствен приоритет. Менопаузата, или престанокот на менструацијата, е фаза на животниот циклус кој ќе се случи кај сите жени. Просечната возраст за стапување во менопауза е 51 година, но може да настане и пред 40. година во мал процент. Со зголемување на животниот век, многу жени ќе живеат неколку децении и по менопаузата.
„Во Македонија, во пракса жените се јавуваат кај своите матични доктори за здравствени проблеми или општи тегоби кои не се поврзани со гинеколошката функција или дисфункција, а кои се всушност физиолошки промени поврзани со намалената оваријална функција, на пример, во оваа група спаѓаат и симптомите од типот несоница, болки во телото и/или промени во расположението, вжештеност и други. Од искуството на гинеколозите, информираноста на жените на оваа тема е сѐ уште ограничена, затоа што не се доволно информирани за препознавање на симптомите на пери/менопауза“, велат од Асоцијацијата.
Македонските гинеколози велат дека периодот на пери/менопауза е полн со предизвици за многу жени. Жените во овој период честопати се на врвот во нивните кариерни достигнувања и се фатени во еден генерациски сендвич, грижејќи се и за своите деца и за своите родители.
„Општеството не смее да си дозволи да изгуби ниту еден сегмент од нивниот човечки потенцијал. Многу од жените не се ни свесни дека транзитираат кон менопаузата, нивната зголемена иритабилност и неуспех да се соочат со стресните ситуации како порано, дополнително ги фрустрира и ги турка во еден маѓепсан круг. Во овој период е од особена важност поддршката и несебичната љубов од страна на партнерот и најблиското опкружување со цел полесно да се премостат симптомите и да се одржи квалитетот на животот на едно оптимално ниво. Во Македонија генерално желбата за грижа постои, оние жени кои имаат поизразени симптоми и тегоби се поактивни во барањето помош и информации. Во некои средини темите за менопауза се сметаат за ‘приватни’ или ‘неудобни’, што ги спречува да се обратат за помош. Затоа, потребна е дестигматизација на женското здравје во секој поглед, активно учество во процесот на прифаќање, свесност и на самите жени за важноста на женското здравје и пери/менопаузата, и тоа преку јавни обраќања како ова. Интернетот, едукативните брошури, списанија, активностите на граѓански здруженија како и редовните контроли и индивидуални консултации со своите доктори се потребните активности за обезбедување на информации и оптимално здравје“, апелираат од МАГО.
Доковска вели дека во Центарот за родители и нивни деца од социјален ризик „Гнездо“, кој ќе се отвори на 15 мај, ќе има групи на самоподдршка за жени кои влегуваат во менопауза и каде преку различен облик на делување ќе можат да ги надминат стресовите и стравовите.
„И досега имавме вакви средби каде жените цртаат, изработуваат ракотворби. Планираме да поканиме и доктори специјалисти, психолози. Најважно е таа поддршка што си ја даваат една на друга, си помагаат, сакаат да зборуваат, не се срамат. Полесно е кога ќе споделат со некој непознат, отколку со некој од секојдневната комуникација“, ни рече Доковска.
Б. НЕСТОРОСКА