На платото пред Националната опера и балет (НОБ), вечерва во 21:30 часот, со оперски гала-концерт ќе почне 40. издание на Скопско лето. Под диригенство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, ќе настапат Оркестарот и Хорот на НОБ, како и солистите: Весна Ѓиноска-Илкова, Владимир Саздовски, Ѓорѓи Цуцковски, Наде Талевска-Спасовска, Маријан Николовски, Сандра Митровска, Зоран Сотиров, Павлина Новакова, Ристе Велков, Марика Поповиќ, Ирена Кавкалеска, Ана Ројдева, Александра Лазаревска и Катерина Стојановска.
Претходно, во 20 часот во Музејот на Град Скопје, ќе се отвори изложбата на фотографии и плакати „40 години Скопско лето“, на авторите Александра Кондев и Елизабета Кузмановска.
„На 21 јуни, како што веќе е традиција, отворањето на Скопското летo го посветуваме на музика, на Светскиот ден на музиката, истовремено одбележувајќи го и првиот ден на летото“, вели директорот на Дирекцијата за култура и уметност Скопје, Никола Глигоров.
Тој вели дека на Скопско лето, кое ќе трае до 31 јули, публиката најмногу ќе може да проследи концерти, како и ликовни изложби, претстави, мултимедијални проекти, ќе има и филмска програма, традиционално кафе-кино, како и програма за деца.
Летната манифестација ќе ја затвори Ансамблот „Танец“, кој одбележува 70 години од основањето, а концертот е насловен „70 лета“.
„Иако Скопско лето е во своите зрели години, останува свежо во духот, секогаш отворено за истражување и борбено“, вели Глигоров.
Б. НЕСТОРОСКА