55 ГОДИНИ ПО ПЛАНОТ НА КЕНЗО ТАНГЕ, СВЕТСКИ АРХИТЕКТИ ВО ОКТОМВРИ ЌЕ ДОЈДАТ ДА РАЗГОВАРААТ ЗА СКОПЈЕ

    55 ГОДИНИ ПО ПЛАНОТ НА КЕНЗО ТАНГЕ, СВЕТСКИ АРХИТЕКТИ ВО ОКТОМВРИ ЌЕ ДОЈДАТ ДА РАЗГОВАРААТ ЗА СКОПЈЕНа „Проект Скопје“, посебни предавања ќе имаат еминентни професори, експерти за делата на Кензо Танге и на архитектот Јап Бакема. (Фото: Дизајн на Архитектонскиот факултет)

    Од 21 до 23 октомври годинава во Скопје ќе се одржува тридневниот настан „Проект Скопје“, на кој светски архитекти од Јапонија, Холандија и САД, 55 години по планот на Кензо Танге за Скопје, повторно во градов ќе разговараат за моќта на архитектурата и урбанизмот, велат од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од факултетот велат дека ќе продолжат со одбележување на 70-годишнината од своето основање и 55-годишнината од донесувањето на планот за реконструкција на центарот на градот Скопје. Настанот го организира Архитектонскиот факултет во соработка со „Домејн студио“ од САД.

    По разорниот земјотрес во 1963 , кој остави повеќе од 80% од зградите во урнатини, Обединетите Нации вложиле исклучителен напор за реконструкција и редизајн на Скопје, поканувајќи во обновата да се вклучат голем број светски архитекти, меѓу кои Кензо Танге од Јапонија, Јап Бакема и Ван ден Брук од Холандија како и Константин Доксиадис од Грција. Нивните проекти биле потврда на идејата дека модерните градовите и општествата можат да бидат проектирани и реконструирани преку идеи и концепти кои се својствени на архитектурата и урбанизмот, а притоа и се длабоко хуманистички.

    Точно педест и пет години по изработката и усвојувањето на планот за реконструкција на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963, во Скопје ќе гостуваат со свои предавања архитектите Реинер де Граф од ОМА студиото од Холандија и Су Фуџимото од Јапонија, како и професорот Чарлс Валдхајм од Харвард универзитетот во САД.

    „Основната цел на ‘Проектот Скопје’ во 2020 е да ја преиспита моќта на архитектурата и урбаниот дизајн како двигатели на реконструкцијата на општествата и градовите ширум светот. Проектот за Скопје беше одлична можност за светските архитекти од тоа време, на покана на ОН, да создадат навистина светски проект кој ќе ги промовира универзалните хуманистички вредности создадени низ архитектурата. Овој процес беше реализиран низ блиска соработка на врвните архитекти од целиот свет за создавање на светската визија за Скопје“ , вели проф. д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет.

    На „Проект Скопје“, посебни предавања ќе имаат и еминентните професори Хаџиме Јатцука од Токио, инаку експерт за делата на Кензо Танге, Дирк ван ден Хувел од Холандија, експерт за делото на архитектот Јап Бакема, Дебора Хаупман од САД, Инес Толиќ од Италија и професорката Анета Христова-Поповска од Архитектонски факултет која ќе говори за делото на професорот и архитектот Живко Поповски.

    „Во октомври, после повеќе од половина век, светските архитекти повторно ќе размислуваат и дискутираат за Скопје, но сега не само како за град кој треба да се обнови, туку како парадигма и модел за соработка во создавањето на праведно општество и одржливи градови, нешто што се покажува како особено важно и во актуелната состојба во светот, вели деканот Марина.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира