АДЕЛА, СКЕЈТЕРКАТА

(Кон „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума, играат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ, Ганимет Абдула)

    АДЕЛА, СКЕЈТЕРКАТАЕфќар Абаз како Адела во „Скејтањето не е за девојчиња“. (Фото: Продукција на филмот)

    Тинејџерскиот пркос и отпорот кон општествено и културно наметнатите родови улоги и статус-кво се во средиштето на „Скејтањето не е за девојчиња“, вториот филм на Дина Дума. Оваа тема се испреплетува со справувањето со сиромаштија, тегобите на родителството и одржувањето на семејството, прикажани низ перспективата на самохрана мајка.

    „Скејтањето не е за девојчиња“ е приказна за ромско семејство во скопска Шутка, мајката Есма (Симонида Селимовиќ)  со две малолетни ќерќи – 12-годишната Адела (Ефќар Абаз) и тинејџерката Зара (Џефрина Јашари),  кои ќе останат на раб на сиромаштија откако ќе ги напушти таткото. Есма е со факултетска диплома, но не може да најде работа ни за да чисти по куќи, па по предлог на золвата, тетка Аида (Ганимет Абдула), ќе реши спасот да го бара во мажење на Зара во богата фамилија.  Бунтовничката Адела, која вози скејтборд, е единствената која активно ќе се спротистави на таа продажба на сестра си и ќе стори сѐ да ја спаси и неа и семејството.

    Селимовиќ е единствената професионална актерка во овој ансамбл на натуршчици.

    Дума, која дебитираше со „Сестри“ во 2021, во вториот филм го потврдува талентот како режисерка,  создавајќи кохерентен визуелен јазик кој ја дава емотивната длабочина на делото. Посебно ефектни се лирските пасажи во слоу моушн кои го откриваат внатрешното доживување на младите протагонистки и го потенцираат сознанието – па овие девојчиња за мажење се, всушност, деца. Најдраматична во таа смисла е сцената на свадбата кога на малечката невеста Зара, која безизразно седи среде веселбата со зурли и тапани, свекрвата ќе ѝ стави машко бебе во скутот кое почнува да плаче. Сцената се одмотува во безгласен слоу моушн и лицето на бебето кое се отима и неутешно плаче станува слика на душевната состојба на Зара – слика на немоќ и задушен крик кој просто како да грми.

    Кинематограферот Фредерик Нуаром, шареноликата набиеност на шутооризарската фавела ја слика динамично во општ и среден план, како лик сам за себе, контрапунктирано со прозрачни крупни планови на лицето на Адела и таблоа на пргавата безгрижност на девојчињата од друштвото. Продукцискиот дизајн на Вук Митевски, пак, ентериерот го дефинира како скучен простор, но не задушлив и органичувачки, туку повеќе како лично засолниште што ја одразува блиската поврзаност на Адела со сестра си и мајка си.

    Но, во овој филм Дума потфрла како сценаристка (со косценаристките Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска) зашто, како и во дебито „Сестри“, приказната страда од пресметаната, иако добронамерна, амбиција да се „прати порака“. Наместо да ја развива драмата низ сложени ликови и нивни противречности, особено на ликовите на возрасните, приказната се потпира на клишеа и добива тон на поука.

    Драматуршки, приказната е тенка, со недоволна мотивираност на постапките на ликовите и плиток развој на меѓусебните односи, што не остава многу простор за автентична емоционална трансформација. Се чини дека ликовите на децата, особено Адела, се оставени да го носат филмот, но тоа не е доволно за да се изгради комплексен, вистински драмски конфликт.

    Најслабо напишан е ликот на мајката Есма. Нејзината одлука да ја продаде ќерка си за брак со момче од богато семејство е прикажана премногу рамно, без навлегување во нејзината лична борба и моралната противречност на таквата одлука. Сценариото не ѝ дава доволно психолошка длабочина, а бледата изведба на Симонида Селимовиќ дополнително го нагласува овој недостаток на текстот.

    Баласт во драмската структура се и неколку сцени кои треба да бидат комична оддишка ама, сепак, не се баш смешни.

    Договорените малолетнички бракови се форма на трговија со деца, криминал кој го изведуваат родителите, во која жртви се и девојчињата и момчињата (а и не е само обичај на една култура туку, би се рекло, е светски процес – само во САД вакви бракови се легални во 32 сојузни држави). Зошто тогаш немаштијата да биде оправдание за мајката што ја продава ќерка си? Сиромаштијата може да ја објасни ранливоста на семејството, но не ја разрешува моралната противречност на жртвувањето на детето за пари. Токму тука активистичката намера на филмот трокира: сценариото не истражува како сиромаштијата, семејните интереси и општествените норми ја овозможуваат ваквата злоупотреба, туку го сведува конфликтот на судир со традицијата на една „егзотична заедница“. Наместо да го проблематизира нормализирањето на жртвувањето деца за пари, приказната останува заробена во поедноставено, шминкерско-активистичко клише.

    Во таа смисла, и во оваа прилика ќе го повторам она што го кажав за „Сестри“: за едно уметничко дело темата сама по себе не е доволна. Треба и умешност да се раскаже прикаската со сета комплексност и универзално значење, а богами и вистинско разбирање на ликовите – тоа е разликата меѓу уметничко дело од една, и тв репортажа или активистички/политички памфлет од друга страна.

    „Скејтањето не е за девојчиња“ имаше светска премиера на њујоршкот фестивал Трајбека и ја освои наградата „Нора Ефрон“.  Од 8 октомври игра во кината во Скопје и низ Македонија.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира