Со книжевна вечер, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје, академик Влада Урошевиќ кој денеска полни 90 години, утре ќе го прослави роденденот. Настанот насловен „Вистинита но не многу веројатна историја за проф. Урошевиќ за факултетот покрај Вардар и за четирите студенти“ е закажан за 19 часот на 18 октомври. Академик Урошевиќ е еден од најзначајните македонски литературни творци, тој е поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач.
„Со настанот македонската книжевна и културна фела ќе му оддаде почит на академик Урошевиќ. За неговото дело, за влијанието, за менторството и за книжевните пријателства ќе зборуваат четворица студенти на Урошевиќ: Лидија Капушевска-Дракулевска, Соња Стојменска-Елзесер, Владимир Мартиновски и Владимир Јанковски, а во улога на домаќинка ќе биде Оливера Ќорвезироска“, најавува издавачката куќа „Арс Ламина“.
„Арс Ламина“ го објави „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој ја доби престижната награда Роман на годината.
Исто така, „Арс Ламина“, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, реобјави и три евергрин-наслови од Урошевиќ: „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“.
Урошевиќ е роден на 17 октомври во 1934, во Скопје. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, во 1987 . Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а во 1988 станал редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Урошевиќ е член на ДПМ од 1961 година и член на Македонскиот ПЕН- центар. Исто така, тој е член на МАНУ (од 1997 година), како и дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Академик Урошевиќ важи за еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам, фокусиран врз истражување на чудесното, фантастичното и надреалното. Освен со пишување, Урошевиќ се занимава и со преведување. Тој ги има препеано најзначајните руски и француски поети на македонски јазик.
Има објавено над 50 книги: поезија, раскази, студии, критики и есеи, антологии и романи. Добитник е на најпрестижните книжевни награди: „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“, „Рациново признание“, „Кирил Пејчиновиќ-Тетоец“, „Младост“, „Нолит“, наградата на Турскиот ПЕН „Халид Един Адивар“ (2007), „Стале Попов“ (2006), орденот на московската организација на Сојузот на руските писатели „Сергеј Есенин“, како и „Роман на годината“.
Во 2023, покрај наградата Роман на годината го доби и Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (СВП) и беше прогласен за автор на годината од Македонската асоцијација на издавачи.