Дванаесеттата збирка поезија на академик Влада Урошевиќ, насловена „Кула крај море“, ќе биде промовирана на 6 мај од 19 часот во „Метаноја“ во Скопје. Издавач е „Антолог“, а книгата ќе ја промовира Иван Џепароски.
Од „Антолог“ велат дека „Кула крај море“ е една од најзрелите и најмистично градени збирки на Урошевиќ, како и дека е синтеза на речиси сите негови опсесии: митот, сонот, симболот, метафизиката, морето и огледалото на зборот.
„Ретко кој поет како Урошевиќ може да се пофали со толку континуирана посветеност на ‘тајната што се објаснува само со друга тајна‘, со една исклучителна ерудиција и љубопитство (за магија и митологија, за астрологија и алхемија, за археологија и ентомологија, за историја на цивилизациите и културите…), ретко кој поет одново и одново успева да восхити и да изненади. И секогаш – како првпат!“, стои, меѓу другото, во рецензијата на проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска.
Урошевиќ (1934, Скопје) е поет, прозен автор, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Редовен член е на Македонската академија на науките и уметностите и член на повеќе странски академии.
Ги објавил збирките: „Еден друг град“ (1959), „Невиделица“ (1962), „Летен дожд“ (1967), „Ѕвездена терезија“ (1973), „Нуркачко ѕвоно“ (1975), „Сонувачот и празнината“ (1979), „Хипнополис“ (1986), „Ризиците на занаетот“ (1993), „Мане, Текел, Фарес“ (2002), „Тајно злато“ (2016), „Безразборна лабораторија“ (2019) и „Кула крај море“ (2026). Покрај тоа, објавил 7 романи, 7 збирки раскази, 12 книги есеи и критики и 3 збирки записи и патописи. Составил повеќе антологии. Ги препеал од француски јазик книгите поезија на Бодлер, Рембо, Аполинер, Елијар, Мишо, Бретон, Превер и Боске.
На Струшките вечери на поезијата трипати ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга: за „Летен дожд“, „Ѕвездена терезија“ и за „Хипнополис“. Во 2023 го доби Златниот венец на Струшките вечери на поезијата како трет македонски поет, по Блаже Конески и Матеја Матевски. За романот „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“, ја доби престижната книжевна награда Роман на годината за 2022.
За неговиот книжевен и преведувачки опус, во 1987 владата на Франција му го додели државниот орден „Витез на редот на уметноста и литературата“, а во 2011 го одликуваше со повисок степен на истиот вид орден, „Офицер на редот на уметноста и литературата“. Носител е на државното признание „Свети Климент Охридски“ и на признанието на Град Скопје „13 Ноември“.
Поетските книги на Влада Урошевиќ се преведени и објавени на англиски, бугарски, италијански, руски, словенечки, српски, француски и шпански јазик.



