АКО ПОЕТОТ ЗАМОЛЧИ, ЌЕ ЗАМОЛЧИ И НАЦИЈАТА, РЕЧЕ СЛАВЕ ЃОРЃО ДИМОСКИ, ДОБИТНИК НА ДРЖАВНАТА НАГРАДА „23 ОКТОМВРИ“

    АКО ПОЕТОТ ЗАМОЛЧИ, ЌЕ ЗАМОЛЧИ И НАЦИЈАТА, РЕЧЕ СЛАВЕ ЃОРЃО ДИМОСКИ, ДОБИТНИК НА ДРЖАВНАТА НАГРАДА „23 ОКТОМВРИ“Димоски годинава одбележува два јубилеја, 65 години од раѓањето и 45 години творештво. - На денешната свеченост во Собранието со министерот за култура Славе Ѓорѓо Димоски. (Фото: Министерство за култура)

    Македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата. Јазикот и писмото, се еден од нашите идентитетски столбови, рече денеска  поетот, есеист и преведувач Славе Ѓорѓо Димоски, добитник на државната награда „23 Октомври“ за долгогодишно остварување во областа на културата и уметноста.

    Димоски годинава одбележува два јубилеја, 65 години од раѓањето и 45 години творештво. Неговата поезија е преведена на над 35 јазици на сите континенти.

    „Ако поетот замолчи, ќе замолчат и душата и јазикот, а душата на нацијата е и јазикот. Јазичната политика е во темелот на националната политика. Најзначајниот елемент на културната политика е дека македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата. Јазикот и писмото се еден од идентитетските столбови на сите нас. Ако поетот замолчи ќе замолчи и душата на јазикот. А душата на нацијата е и јазикот. На крај ја примам оваа награда во името на оваа вечна земја. На мојата вечна земја. Вечноста и бог се едно исто. Нашата Република е мала, но огнена. Таква била Крушевската Република, таква била асномската република, таква е и оваа република денес. Јас доаѓам од сферата на литературата и ракувањето со зборовите. Токму Македонската револуционерна организација ја собра тогашната македонска интелигенција, токму во неа се поставени и темелите на идниот стандардизиран македонски јазик, токму од нејзините пазуви се изнедри златната книга ‘За македонцките работи’ во која К. П. Мисирков го постави фундаментот на идниот современ македонски јазик“, рече Димоски на свеченоста во Собранието.

    Автор е на шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година. Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, Гран при интернационал (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија). Двапати е добитник и на највисокото охридско признание „Св. Климент – Патрон на Охрид (2000 и 2012). Основач е и долгогодишен раководител  на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира