АКТЕРИТЕ ОД „НАРОДЕН ПРАТЕНИК“ НА МНТ ДОБИЈА СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА НА 70. СТЕРИЈИНО ПОЗОРЈЕ ВО НОВИ САД

    АКТЕРИТЕ ОД „НАРОДЕН ПРАТЕНИК“ НА МНТ ДОБИЈА СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА НА 70. СТЕРИЈИНО ПОЗОРЈЕ ВО НОВИ САДМНТ учествува на престижниот театарски фестивал после 22 години.  (Фото: МНТ)

    Актерите од претставата „Народен пратеник“ на Македонскиот народен театар  (МНТ) добија специјална Стеријина награда за колективна актерска игра на 70. издание на фестивалот Стеријино позорје во Нови Сад. Претставата е работена според текстот на Бранислав Нушиќ, во режија на реномираниот Егон Савин од Србија.

    „Концептот во кој поединецот на сцената има смисла само во група која комуницира преку заедничка душа и каде сите се поврзани меѓусебно, кој е јасно видлив во оваа претстава, покажа и докажа каде е местото на МНТ во театарот на овие простори и по подолго време го врати МНТ меѓу наградените на овој реномиран театарски фестивал“, велат од МНТ.

    Премиерата на „Народен пратеник“ беше на 25 јануари, а играат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас) и група статисти. МНТ учествува на престижниот театарски фестивал после 22 години.

    Жирито на чело со актерот Вања Ејдус  и членовите Дражен Ференчина, режисер, Федор Шили, драмски писател, Петар Грујичиќ, театролог, и Ѓорѓе Косиќ, драмски писател на завршната седница одржана синоќа, едногласно донесе одлука за специјалната награда да ја добие ансамблот на МНТ.

    На фестивалот победи претставата „Белградско трио“ од Горан Марковиќ, во режија на Матјаж Бергер, во продукција на Театарот „Антон Подвешбек“ од Ново Место и „Цанкарјев дом“ од Љубљана. Наградите ќе бидат доделени вечерва.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира