АЛАЃОЗОВСКИ СО ЧАДОР-ОРГАНИЗАЦИИ ЌЕ ЈА ОСВЕЖУВА КУЛТУРАТА ЛЕТОВО

    АЛАЃОЗОВСКИ СО ЧАДОР-ОРГАНИЗАЦИИ ЌЕ ЈА ОСВЕЖУВА КУЛТУРАТА ЛЕТОВО„Нов културен бран“ се воведува, како што објаснуваат од Министерството, за да се помогне во деметрополизација, деконцентрација на културата, и истата да се дисперзира во локалните средини. - Министерот за култура Роберт Алаѓозовски (Фото: СДК.МК)

    Министерството за култура распиша нов конкурс за „Нов културен бран“, што ќе се реализира наместо старата манифестација „Топол културен бран“. Конкурсот за финансирање има два рока. Првиот завршува на 14 август, а првите резултати ќе се знаат на 23 август. Вториот ќе биде распишан на 16 август. Како што велат од Министерството за култура, можат да аплицираат здруженија на граѓани, асоцијации, чадор-организации, непрофитни групи автори од областа на културата и на уметноста.

    „Нов културен бран“ се воведува, како што објаснуваат од Министерството, за да се помогне во деметрополизација, деконцентрација на културата, и истата да се дисперзира во локалните средини.
    Новиот состав на Министерството, на чело со министерот Роберт Алаѓозовски, има цел да ја раздвижи независната сцена и независните здруженија од оваа област, а не содржите од културата низ земјата да ги финансира само локалната самоуправа.

    Се повикуваат асоцијации, фондации и поединци од областа на културата кои треба да имаат квалитетна, естетизирано профилирана и вредносно издржана понуда.
    „Идејата е да се поттикне значењето на граѓанскиот сектор преку делувањето на невладините организации, здруженија и асоцијации од областа на културата, за кои се смета дека можат да внесат посвежи идеи и поиновативни пристапи во креирањето на културната понуда, во пософистициран и естетизиран пристап во конципирањето на проекти кои се во слух со времето.“, велат од Министерството.

    Идејата на манифестацијата е да се промовираат и нови простори во општините, дури и руинирани, нефункционални објекти каде ќе се понудат и алтернативни содржини.
    Министерството најавува дека во овој бран нема да има место за естрадата, како во минатото, што придонесе како што велат за естрадизација на културата, туку ќе се поддржуваат вистинските и современи културни и уметнички изрази и вредности.
    Предност при изборот на проекти би имале мали мобилни содржини, кои би биле реализирани барем во неколку регионални и локални средини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира