УТРЕ ПРОМОЦИЈА НА ПОВТОРНО ОБЈАВЕНИТЕ КНИГИ ЗА ВОЗРАСНИ НА ОЛИВЕРА НИКОЛОВА

    УТРЕ ПРОМОЦИЈА НА ПОВТОРНО ОБЈАВЕНИТЕ КНИГИ ЗА ВОЗРАСНИ НА ОЛИВЕРА НИКОЛОВАКнигите добија ново руво и нови поговори (Фото: Арс Ламина)

    Издавачката куќа „Арс Ламина“ повторно го објави целокупното творештво за возрасни на една од најзначајните македонски писателки Оливера Николова, а десетте тома со 12 книги ќе бидат промовирани утре во фоајето на Националната опера и балет, со почеток во 19 часот. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, при што добија ново руво и нови поговори од македонски професори и писатели.

    Станува збор за насловите: „Куклите на Росица“ (со поговор од Елизабета Баковска), „Тесна врата“ (поговор Кица Колбе), „Куќичка“ (поговор Румена Бужаровска), „Тромбот“ (поговор Владимир Мартиновски), „Адамовото ребро“ (поговор Калина Малеска), „Збогум Вано, Ванке…“ (поговор Јелена Лужина), „Пешаци по црни полиња“ (поговор Гоце Смилевски), „Белиот чад“ (поговор Никола Гелевски), како и „Вежби за Ибн Пајко“ (поговор Катица Ќулавкова) во исто издание со „Песот со тажен поглед“ (поговор Давор Стојановски) и „Лева комора“ (поговор Владимир Јанковски) во исто издание со „Кадифената покривка“ (поговор Оливера Ќорвезироска).

    „Оливера Николова во својот прв роман за возрасни ‘Тесна врата‘ ја раскажува сложената приказна за загадочното исчезнување на Петра со многу акрибија, луцидност и писателска ревност, небаре самата морала да помине низ некоја ‘тесна врата‘. Асоцијацијата е оправдана, затоа што таа по 20 години успешно творештво за деца се осмелува да го освои ‘непознатото‘ – царството на романот за возрасни“, пишува Кица Колбе во поговорот на „Тесна врата“.

    Николова е родена во 1936 година во Скопје и има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“ и „Преминот не е осветлен“, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира