АЖДЕРОТ ЗАМИНА, А АЖДЕРИЗМОТ ПРЕЖИВЕА, ВЕЛИ МИЛЧИН ЗА НОВАТА ПРЕМИЕРА НА БИТОЛСКИ ТЕАТАР

    АЖДЕРОТ ЗАМИНА, А АЖДЕРИЗМОТ ПРЕЖИВЕА, ВЕЛИ МИЛЧИН ЗА НОВАТА ПРЕМИЕРА НА БИТОЛСКИ ТЕАТАРЗапрашан дали аждеризмот и груевизмот имаат врска, Милчин додаде дека очигледно е оти повторувањето, за жал, не се докажало дека е мајка на учењето, затоа што да беше така немаше да има повторување. - Од прес-конференцијата во Битолскиот театар (Фото: СДК.МК)

    „Аждерот замина, а аждеризмот преживеа“, вака режисерот Владимир Милчин преку една реченица ја претстави темата на новата премиера „Аждер“ што на 20 ноември ќе се игра во Народниот театар во Битола. Претставата е работена по текст на Евгениј Шварц и за првпат се поставува во македонски театар. Милчин вели дека иако напишана во 1943 година, актуелна е и денес. Сличноста е во оптимизмот од крајот на Втората светска војна и денешниот, во тоа дека иднината е гарантирана, но, рече дека изгледа пред време сме се израдувале и веројатно сме се опуштиле, затоа може да ни се случува аждерите да ни се повторуваат.

    „Претстава треба да нѐ потсети дека како луѓе немаме право да се опуштиме, дека ниту една победа не е дефинитивна, дека победата треба да се изнесе, дека не смееме да се заборавиме и да се опуштиме ако навистина сакаме да живееме во општества во кои владее хуманост, слобода, право, демократија. Треба да се убие аждерот во сите нас инаку аждерите ќе се појавуваат одново и одново“, рече Милчин.

    Запрашан дали аждеризмот и груевизмот имаат врска, Милчин додаде дека очигледно е оти повторувањето, за жал, не се докажало дека е мајка на учењето, затоа што да беше така, немаше да има повторување.

    „Јас не верувам во метафизика и не мислам дека тоа е проклетство од некаде од надвор, за да ни се повторуваат работите, тоа е аждеризмот во нас. Оваа претстава е правена да ја разбие рамнодушноста, силата на инерцијата, оти инерцијата е подлога за тоа да ни се повторуваат лошите работи, за добрите треба да се избориме“, рече Мичин.

    „Аждер“ е ансамбл претстава со 24 актери на сцена и се изведува во чест на 74 години постоење на Битолскиот театар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира