БАХ И ШОПЕН НА ОТВОРАЊЕТО НА 44. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, ОВАА ГОДИНА БЕЗ ПОЛНОЌНИ КОНЦЕРТИ ВО МКЦ

    БАХ И ШОПЕН НА ОТВОРАЊЕТО НА 44. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, ОВАА ГОДИНА БЕЗ ПОЛНОЌНИ КОНЦЕРТИ ВО МКЦВадада Лео Смит е најавен како една од главните ѕвезди на фестивалот (Фото: ТУМ рекордс)

    Ексклузивни настапи и актуелни имиња од светската џез сцена ќе го одбележат 44. издание на Скопскиот џез фестивал, кое ќе има четири вечери од 16 до 19 октомври. Целата програма ќе се одвива во Националната опера и балет и оваа година нема да има полноќни концерти во Младински културен центар, што е последица на состојбата во која што се наоѓа оваа установа и немањето елементарни услови за одржување вакви концерти, како што појасни директорот на фестивалот Оливер Белопета.

    Годинашната програма е продолжување на концептот кој е свртен кон современиот џез. Таа се одликува со ексклузивност и актуелност, што значи дека речиси сите кои доаѓаат имаа нови, силни остварувања оваа година или лани. Основната цел е фестивалот да ја задржи репутацијата која ја има во Европа и светот“, рече Белопета.

    Фестивалот го отвора триото на полскиот пијанист Анджеј Јагоѕински, кое, како што откри Белопета, ќе ги свири Бах и Шопен, а речиси половина од програмата се американски џезери.

    Во една вечер ќе ги имаме најкреативниот и, според многумина, најдобар жив американски џез музичар Вадада Лео Смит и саксофонистот Брендон Луис, кого магазинот ‘Даунбит‘ го прогласи за музичар на годината. Тука се и Марк Рибо, култен гитарист кој свирел на албуми на Том Вејтс и Роберт Плант и Кахил Ел‘Забар, кој слави 50 години на сцената и е на промотивна турнеја со својот ансамбл. Ќе имаме и специјална скандинавска вечер“, најави Белопета.

    Наградата за најдобар џез музичар, што ја доделува СЏФ, оваа година му припадна на пијанистот, композитор и аранжер Гордан Спасовски, кој ќе настапи првата вечер со Националниот џез оркестар, а потоа и со своето трио на посебен настан во „Аудиокултура“ на 18 октомври.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира