Од следната учебна година, изданието „Бајки од Македонија“ официјално влегува во наставната програма за основно образование и ќе биде редовна лектира за четврто одделение. Проектот „Бајки од Македонија“ повеќе од една деценија се реализира во чест на Иво Лауренчиќ, преку Движењето за поддршка на креативноста „Браво сине!“, во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“.
„Нашиот мотив беше јасен, да ја поддржиме креативноста, да го доближиме народното творештво до децата, да оставиме трајна вредност што ќе живее и после нас, како што делата на Иво Лауренчиќ живеат и денес. Во негова чест и го покренавме овој проект, со цел да креираме уникатен бренд. Среќни сме што ‘Бајки од Македонија’ добија и институционална потврда, со што на најдобар начин се оствари основната мисија на Движењето, а истовремено се потврди вредноста на изворното народно творештво, овојпат доживеана и презентирана преку современиот визир на младите креативни автори“, велат од Движењето „Браво сине!“.
Според издавачот „Арс Ламина“, ова е резултат на јасна уредувачка и издавачка визија, насочена кон создавање квалитетна литература за најмладите.
Едицијата „Бајки од Македонија“ започна како конкурс за млади дизајнери и илустратори. Преку отворен повик, „Браво сине!“ ги повика младите креативци да дадат свој визуелен и авторски придонес во оживувањето на традиционалните приказни, адаптирани на современ јазик, со цел македонското народно творештво да се приближи до најмладите и истовремено да ги афирмира националните вредности во современ контекст и од тоа да се создаде препознатлив уникатен бренд.
Како дел од досегашната соработка помеѓу Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ издадени се 80 бајки и четири басни од Македонија. На досегашните јавни конкурси за креирање на овие дела се пријавиле над 100 илустратори и повеќе од 300 автори, кои доставиле повеќе од 440 текстови. Дел од изданијата на бајки и басни од Македонија се преведени на седум светски јазици, како и на Брајовата азбука и се добитници на бројни домашни и меѓународни награди и признанија.
Движењето „Браво сине!“ го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетишка индустрија, Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше несебична поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.



