Шест претстави од театри од регионот ќе се изведат на меѓународниот театарски фестивал РУТА во Драмски театар во Скопје, кој ќе се одржи од 26 до 31 октомври, најави денеска директорот на Драмски, Роберт Вељановски.
Фестивалот се отвора со претставата „Црно злато“ од македонскиот драматург Дејан Дуковски, во режија на Хрватот Оливер Фрљиќ, а во продукција на Београдско драмско позориште.
„Нам ни е особено големо задоволство што ќе можеме еден драмски текст на македонски автор којшто сè уште не е изведен, сè уште нема своја изведба на сцените во Македонија, а има на сцената на Београдско драмско позориште, да ѝ го понудиме на македонската публика“, рече Вељановски. Текстот „Црно злато“ во Македонскиот народен театар (МНТ) го режира Слободан Унковски, а премиерата е во наредниот период.
На 27 октомври доаѓа театарот Улисис од Загреб во копродукциска претстава со театарот САРТР од Сараево, „На чија страна“ од Роналд Харвуд во режија на Ленка Удовички. Харвуд е британски автор кој светска слава доби со сценариото за филмот „Пијанист“, за кое во 2002 доби Оскар.
„Во главните улоги во оваа претстава има две големи ѕвезди на балканскиот театар на регионалниот театар, тоа се Озрен Грабариќ од Хрватска и Светозар Цветковиќ од Србија. Се надевам дека македонската публика ќе има можност да ужива во едно врвно остварување на нашите партнери од Загреб“, додаде Вељановски.
На 28 октомври е најавена претставата „Змејот“ од Евгениј Шварц, која ја постави македонската режисерка Нела Витошевиќ, продукција на Младинско гледалишче од Љубљана (МГЛ). Витошевиќ неодамна доби награда за најдобра режија, а претставата доби и награда за најдобра сценографија, на Игор Васиљев, а за најдобра костимографија беше наградена Јелена Проковиќ.
„Сметам дека е многу важно и за македонскиот театар да се погледнат претставите кои што нашите луѓе ги работат вон границите на државата. Од тука како ексклузива би го најавил Себастијан Каваца еден од легендите на словенечкото глумиште, а македонската публика повторно има можност да се сретне со двајца актери коишто веќе настапуваа на сцената на Драмски театар по копродукцијата која ја работевме минатата година ‘Животот на провинциските плејбои’“, вели Вељановски.
Комедијата „Умри машки“ во режија на Адмир Гламочак, продукција на Камерен театар 55, од Сараево ќе се изведе на 29 октомври. Претставата е поставена во 1990 како дипломска претстава на Татјана Шојиќ и досега е изведена повеќе од 550 пати, со што стана најизведуваната босанскохерцеговска претстава на сите времиња.
На 30 октомври е најавена претсвата „Контра мундум“ (Contra mundum) Центарот за култура Тиват, во режија на Вељко Миќуновиќ, а игра Озрен Грабариќ.
„Неговата ексцентрична појава и шокантните ставови во јавноста предизвикувале поделени мислења, но истовремено и го прославиле… Салвадор Дали. Гениј или шарлатан? Пророчка слика на современиот свет или обична диверзија на секое правило, поредок, идеологија?… ‘Контра мундум’ не е претстава за биографијата на големиот уметник, туку игра со загатката за уметноста на живеењето во овој свет“, велат од Драмски.
На 31 октомври, РУТА се затвора со претставата „Љубовта на Федра“ во режија на Дино Мустафиќ од БиХ, продукција на Драмски театар.
Годинава Фестивалот РУТА во Скопје е проширен, ќе има МоноРУТА, со мондрами на партнерите од Регионалната унија на театари, како и работилници и предавање на театарски експерти.
Цените на билетите се според блокови: Блокот 1 ги опфаќа сите 6 претстави и чини 6.000 денари. Блокот 2 опфаќа 4 претстави по цена од 5.000 денари. Блокот 3 содржи 4 претстави по цена од 4.000 денари.
Редовната цена за сите претстави е 1.500 денари од 1. до 14. ред, 1.200 денари за 15., 16. и 17. ред, додека за „Љубовта на Федра“ во редовна цена чини 600 денари од 1. до 14. ред и 400 денари за 15., 16. и 17. ред. Монодрамите се со цена од 300 денари и ќе се играат на Факултетот за драмски уметности од 17 часот.
Од Драмски велат дека се распродадени изведбите на „Црно злато“ и на „На чија страна“.
Б. НЕСТОРОСКА



