Би било погубно да се случи да ни се одземе титулата за Скопје Европска престолнина на културата за 2028, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК на 16 декември, одбор во Европската Комисија (ЕК) изразил загриженост од информациите кои ги добил од претставници од Македонија за активностите околу организирањето на настанот Скопје Европска престолнина на културата 2028, стои меѓудругото во извештајот објавен на официјалната Интернет-страница на ЕК.
Лани во септември во Брисел, во присуство на делегација на чело со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа за 2028.
Како што стои во извештајот, во октомври годинава се одржал онлајн состанок помеѓе шестмина членови на Одборот од Комисијата и по еден претставник од Град Скопје и Универзалната сала, на кои не им се објавени имињата. На состанокот учествувале и набљудувачи од Европската Комсија, од Европската делегација во Македонија, како и од Секторот за евроинтеграции при Министерството за култура.
Пред да се разгледаат шесте критериуми со кои се регулираат активностите за европската престолнина на културата, Одборот изрази значителна загриженост дека извештајот поднесен од Град Скопје не се придржувал до деталните упатства дадени од Европската Комисија во однос на специфичната содржина потребна за извештајот за напредокот на ЕКП 2028.
На денешниот брифинг со медиумите, Љутков рече дека е во комуникација со сите европски амбасадори и дека ќе сторат сѐ што треба да не се случи Скопје да ја изгуби оваа титула.
„Скопје изминативе години го изгуби идентитетот. Со организацијата на Скопје Европска престолнина на културата, градот ќе си го врати сјајот. Универзаланата сала, Калето и зградата на Централната пошта ќе бидат главни пунктови на настаните“, рече министерот Љутков.
Во извештајот на Европската Комисија меѓудругото стои дека Одборот се распрашувал за моменталниот статус на развојот на културната програма и за идните ажурирања.
„Сосема конкретно, Одборот сакаше прецизни информации за тоа кој работи на културната програма, колку проекти од тендерските постапки беа потврдени во оваа фаза, како планирале да продолжат да ја развиваат програмата и врз основа на која критериуми. Понатаму, Одборот сакаше да знае кога Градот Скопје очекува да може обезбеди ажурирана програма Скопје 2028 и детален буџет. Претставникот на Градот Скопје ги спомена тековните културни активности кои се одвиваат во градот кои не беа конкретно релевантни за Скопје 2028 и не наведоа специфики за проектите поврзани со Европската престолнина на културата. Градскиот претставник истакна дека ажуриран список со активности и програма ќе биде изготвен, но не беше утврдена јасна временска рамка. Одборот, исто така, забележа дека на Интернет страницата за Скопје 2028 година, наведениот телефонски број за контакт изгледа необичен и сакаше да знае дали беше грешка или оригинален телефонски број. Претставникот од Градот Скопје не беше свесен за ова и го увери Одборот дека ќе го разгледа ова“, стои меѓудругото во Извештајот.
Б. НЕСТОРОСКА