Романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски е добитник на наградата Рациново признание, која се доделува на Рациновите средби во Велес. Делото е условно речено историски роман, за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, авторско видување со интервенирање во историските факти.
„Со ова признание се чувствувам и возбуден и почестен. Рацин беше секогаш присутен во сите мои книги и како инспирација и како лик. Позната е мислата дека убавината ќе го спаси светот, јас тоа во овој награден роман го трансформирав во ‘чувствата ќе го спасат човештвото’. Без чувства нема среќа, без среќа нема иднина“, кажа Миневски на синоќешното доделување на наградата.
Во конкуренција за наградата биле 14 романи, а за признанието одлучуваше жирито во состав: Јасминка Делова-Силјанова претседателка, Снежана Петрова-Џамбазова и Маја Апостолоска. Според жирито, Миневски во „Ако се родат некакви чувства“ понудил интересна, несекојдневна и нестереотипна приказна и раскажувачка постапка.
„Историските факти во романот се во функција на откривање на вистината на чувствата, а не во функција на докажување, дефинирање и канонизирање на вон книжевна, објективна вистина. Фељтонот се занимава со раѓањето на чувствата, а не со историјата“, рече Делова-Силјанова образложувајќи ја наградата која е во вредност од 1. 000 евра.
Беседата за Рацин годинава емотивно ја донесе професор д-р Васил Тоциновски.
„Во животот случајности не постојат. Рацин има харизма, Божја дарба која е многу ретка. Таа се вградува во него од задојувањето со мајчиното македонско млеко, со првите зборови на мајчиниот македонски јазик. Рацин е интелигентен, борбен човек кој чекорел пред сопственото време“, рече меѓудругото Тоциновски.
Рациновите средби годинава се одржуваат по 60. пат, продолжуваат наредните денови. В четврток ќе биде меѓународниот поетски митинг со автори од Грција, Турија, Бугарија, Србија. Тогаш ќе биде врачено Почесното Рациново признание на бугарскиот преведувач и автор Пламен Тотев за ширење на македонската култура и јазик во Бугарија. Тој досега има преведено 55 книги од 34 автори, од македонски на бугарски јазик.
П. ПЕЧКОВ