Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски ќе го отвори 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола (23-29 септември), кажа денеска директорот Симеон Мони Дамевски.
„Домаќинство за почетници“ е трет филм на Столевски, а негов прв македонски и ќе има светска премиера во селекцијата Хоризонти на филмскиот фестивал во Венеција кој почнува на 30 август. Столевски, кому ова му е трет филм за две години, е автор на наградуваните „Нема да си сама“ кој беше и австралиски кандидат за Оскар годинава, и на „Доволно возрасни“.
Дамевски соопшти дека оскаровецот Питер Бижу е добитник на Златна камера 300 за животен опус, а претседателот на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) Игор Иванов-Изи кажа дека актерката и продуцентка Лабина Митевска е лауреат на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм.
Бижу е кинематографер на филмови како: „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Ѕидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „Девет и пол недели“, „Ричард Трети“. Бижу, вели Дамевски, има работено со голем број значајни режисери, како Алан Паркер, Тери Гилијам, Питер Вир, Едријан Лајн. За неговата работа на „Мисисипи гори“, Бижу во 1988 доби Оскар за најдобра кинематографија.
Митевска ја добива наградата за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото.
„Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признание за посебна контрибуција кон македонскиот филм и од самиот старт критериумот е подигнат толку високо, што навистина не е лесно да се најде вистински кандидат и достоен лауреат“, рече Иванов-Изи.
Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, глумица (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020), Северџан Бајрам, актер (2021) и Горјан Тозија, филмски продуцент (2022).
Б. НЕСТОРОСКА