Градот Скопје е во постапка со Владата за да ја преземе зградата на Централната пошта за да биде претворена во Младински простор за потребите на Скопје – Европска престолнина на културата (ЕПК) 2028, кажа денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Денеска претставници на локалните власти од Кемниц (Германија), Горица (Италија) и Нова Горица (Словенија) се во посета на Скопје, за да споделат искуства поврзани со титулата Европска престолнина на културата.
Ѓорѓиевски кажа дека во тек е реконструкцијата на скопското Кале, каде ќе се одржуваат најголем дел од настаните, како и дека од вчера со поддршка на Министерството за култура почна реконструкцијата на скопската Стара чаршија.
„Настани ќе се одржуваат и на Аквадуктот, едно место коешто е вистински симбол на Град Скопје и реткост во Европа, таков еден споменик да имаме ние останат, тоа е водоводот од римско време. Ќе биде претворен во летна сцена, летна арена којашто ќе биде примамлива и за скопјани, за луѓето од Македонија, но и за луѓето од Европа да можат да го посетат. Ќе градиме мега-паркови со овој проект. Настани ќе има и во Поштата, еден од најкапиталните објекти во Град Скопје којшто ќе остане симбол за Град престолнина на културата. Во постапка сме со Владата да ја преземеме ние, да бидеме оние коишто ќе владеат со истата и ќе биде претворена во младински хаб, но и симбол на Скопје – Град престолнина на културата. Туризмот ќе се зголеми, ќе имаме што повеќе посетители“, кажа Ѓорѓиевски.
Зградата на Централната пошта во Скопје во 2021 се најде на листата 7 најзагрозени споменици во Европа за таа година. Листата на најзагрозени споменици ја составуваат Европа Ностра и Европската инвестициска банка. Уште тогаш тие објавија дека секој од загрозените споменици на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе за зачувување.
САКАМДАКАЖАМ.МК во јули во 2023 објави дека европските тела ги повикуваат македонските институции да конкурираат за грант за почеток на процесот. Но, и тогаш рекоа дека апликација за грант сѐ уште не е стигната.
Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.
Дел од овој историски комплекс е и Телекомуникацискиот центар, но претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски објектот во кој е сместен МЕПСО го преоблече со барокна фасада. Тоа беше во рамките на проектот „Скопје 2014“ за кој тогашната власт потроши над 700 милиони евра.
На 8 август 2024 тогашниот евроамбасадор Дејвид Гир се сретна со вицепремиерот Александар Николоски и со претставници на Министерството за култура и разговараа за реставрација на централната зграда на Македонска пошта во центарот на Скопје.
„Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија. Тоа нема да е ниту лесен потфат, ниту евтин проект. Напротив, ќе треба да се вложи многу енергија, време и пред сѐ стручно знаење како и сериозни средства. Но, централниот објект на Пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија како еден од најзначајните објекти од времето на брутализмот и мора да биде заштитен во својата основна форма и ставен во функција”, рече Николоски по средбата.
Гир со години често апелираше до македонските политичари и институции да не дозволат да пропадне зградата на Централната пошта во Скопје.
- МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА СОБИРА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ДА ПОЧНЕ РЕНОВИРАЊЕТО НА ШАЛТЕР-САЛАТА ВО ПОШТАТА ВО СКОПЈЕ
- ПОШТАТА ВО СКОПЈЕ ЌЕ СТАНЕ МУЛТИФУНКЦИОНАЛЕН КОМПЛЕКС КОЈ ЌЕ СЕ КОРИСТИ И ЗА СКОПЈЕ – ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, РЕЧЕ ЉУТКОВ
- ВЛАСТА СЕГА ЌЕ БАРА ПАРИ ОД ЕУ ЗА РЕСТАВРАЦИЈА НА ПОШТАТА ВО СКОПЈЕ, ИАКО ЕВРОПА УШТЕ ЛАНИ ПОНУДИ ПОМОШ, А НИЕДНА ИНСТИТУЦИЈА НЕ СЕ ПРИЈАВИ
Б. НЕСТОРОСКА



