ЧИФТЕ АМАМ СЕ САНИРА СО ГРАНТ ОД 91.000 ДОЛАРИ ОД АМБАСАДОРСКИОТ ФОНД НА САД

    ЧИФТЕ АМАМ СЕ САНИРА СО ГРАНТ ОД 91.000 ДОЛАРИ ОД АМБАСАДОРСКИОТ ФОНД НА САДДиректорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова-Ќерими, министерот за култура Асаф Адеми и американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли на денешното потпишување на договорот за грантот (Фото: К. Попов)

    Националната галерија на Македонија (НГМ) за објектот Чифте амам доби грант од 91.000 долари од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културата за 2018, преку американската амбасада на САД во Македонија. Проектот е насловен „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ зрачење и оградување на културното добро Чифте амам“.

    Санацијата почна во јуни годинава, а се планира да трае 18 месеци и да заврши до крајот на 2019. Договорот за грантот денес го потпишаа амбасадорот на САД Џес Бејли и министерот за култура Асаф Адеми.

    Американскиот амбасадор Бејли се почести со локум и чај во Чифте амам (Фото: К. Попов)

    „Проектот ќе се одвива во повеќе фази со финансиска партиципација на Министерството за култура во рамките на инвестициски проекти од буџетот на Министерството за 2018 година, во износ од 2 милиони денари и со помош на средства од доделениот грант во висина од 91.000 долари. Чифте амам, објект кој претставува културно наследство под заштита на државата, и кој во невремето во јуни 2017 година беше доведен во исклучителна опасност, целосно ќе биде заштитен. Со поддршката од 1 милиони и 665 илјади денари од Министерството за култура, веќе е инсталирано ново галериско осветлување со најнова технологија, економски оправдана, со мала потрошувачка на електрична енергија, технологија која е ‘пријателска’ за изложените артефакти без штетни влијанија“, рече директорката на НГМ Дита Старова- Ќерими.

    Амбасадорот Бејли кажа дека овој грант за Чифте амам е продолжување на стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД, и додаде дека изминативе години преку програмата од Амбасадорскиот фонд се поддржани повеќе објекти и локалитети низ Макеодонија, како Даут пашин амам, црквата „Св. Спас“ и археолошкиот локалитет Стоби.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира