ДА СЕ САКАМЕ И ПОЧИТУВАМЕ ЗА ДА НИ БИДЕ ПОУБАВО И ДА НЀ ПОЧИТУВААТ ПОВЕЌЕ ДРУГИТЕ, РЕЧЕ СИМОН ТРПЧЕСКИ НА СЛАВЕНИЧКИОТ КОНЦЕРТ

    ДА СЕ САКАМЕ И ПОЧИТУВАМЕ ЗА ДА НИ БИДЕ ПОУБАВО И ДА НЀ ПОЧИТУВААТ ПОВЕЌЕ ДРУГИТЕ, РЕЧЕ СИМОН ТРПЧЕСКИ НА СЛАВЕНИЧКИОТ КОНЦЕРТДиригентот Татарчевски и маестро Трпчески на концертот во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Да се сакаме, да се почитуваме себеси, да си помагаме затоа што само тоа останува и сметам дека сега е многу убав период во кој навистина може да се свестиме за да си направиме да ни е поубаво, рече пијанистот со светска кариера Симон Трпчески на синоќешниот Новогодишен концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

    Во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ), ансамблот „Македонисимо“ и повеќе гости, а под диригентство на Сашо Татарчевски, Трпчески со концертот прослави 25 години исклучително богата, призната и наградувана кариера.

    Трпчески на почетокот на концертот ѝ најави на публиката дека ќе има можност да ужива во една прекрасна музика, во „избор на дела од за нас прилично блиски како менталитет и народ и музика, па донекаде и традиции, а ќе прошетаме и низ Шпанија и Латинска Америка“.

    Трпчески со неговата ќерка Лара Трпческа, баритонот Иван Наумовски и пејачката Андријана Јаневска. (Фото: СДК.МК)

    „Никогаш не е на одмет, но треба да се потсетуваме дека Македонија е библиска земја. Ние сме мали, но многу значајни, всушност, многу големи. Да си помогнеме себеси за да ни биде поубаво и да нѐ почитуваат уште повеќе останатите. Преку музика, дали од Шпанија, Латинска Америка, а вака сега и од Македонија праќаме една прекрасна порака во светот дека ние сме тука, дека постоиме и сме рамноправен и важен дел од нив. Благодарам и на сите значајни луѓе кои се вечерва овде и кои нѐ поддржавте за заедно да ги почнеме последните денови од 2025 година. Да има уште многу 25-ки и 50-ки и да се множат успесите на сите квалитетни луѓе“, топло зборуваше маестро Трпчески, заблагодарувајќи им се на семејството, наставниците и професорите од неговото училишно образование и на колегите кои се дел од неговиот живот и од инспирацијата.

    Во публиката беа и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан и претседателот на МАНУ, академик Живко Гроздановски. (Фото: СДК.МК)

    По и меѓу делата на Албенис, Сарасате, Пјацола, Родриго, Дајенс, Гардел, Родригез, Веласкез, Бизе, Де Фаља/Крајслер, Понсе, Фелисијано, Дескоски и од македонскиот фолклор, настапија и неговата ќерка, пејачката Лара Трпческа и пејачите и професори на Факултетот за музичка уметнист Иван Наумовски и Андријана Јаневска, изведувајќи божиќни и шпански песни. Изведбите ги збогатија балетските точки на солисти од Балетот, во кореографија на Саша Евтимова.

    Концертот го организираше „Прагма продуцкија“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира