ДА ЗАЛЕЧИМЕ НЕКОЈА РАНА ВО КАРАНТИНОВ СО НАШИОТ СПЕЦИЈАЛЕН РЕЦЕПТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ СТАВРЕСКИ ПРЕД ТВ-ПРЕМИЕРАТА НА „ИСЦЕЛИТЕЛ“

    ДА ЗАЛЕЧИМЕ НЕКОЈА РАНА ВО КАРАНТИНОВ СО НАШИОТ СПЕЦИЈАЛЕН РЕЦЕПТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ СТАВРЕСКИ ПРЕД ТВ-ПРЕМИЕРАТА НА „ИСЦЕЛИТЕЛ“Режисерот Ѓорче Ставрески (во средина), со актерите Анастас Тановски и Благој Веселинов кои ги играат главните улоги во „Исцелител“, на македонската кинопремиера во 2017. (Фото: СДК.МК)

    Македонскиот филм „Исцелител“ , деби на режисерот Ѓорче Ставрески утре ќе има ТВ-премиера, на првиот канал на Македонската радиотелевизија (МРТ) во 21:30 часот.

    „’Исцелител’ премиерно на МРТ1! Да ви залечиме некоја рана во карантинов со нашиот специјален рецепт. Уживајте во филмот“, напиша режисерот Ставрески на Фејсбук.

    Од утре од 11 часот почнува продолжен полициски час кој ќе трае до вторник во 5.

    Светската премиера на црната комедија за лекување со алтернативна медицина, прва македонско-грчка копродукција, беше во ноември 2017 на Солунскиот филмски фестивал, каде ја освои наградата Фишер што се доделува според гласови од публиката. Набрзо потоа, следеше и македонската премиера на фестивалот Синедејс.

    „Исцелител“, освои голем број интернационални признанија, беше првиот македонски филм прикажан на престижната онлајн платформа „Ејч-Би-О Гоу“ и доби позитивни критики од врвните светски списанија „Вараети“ и „Холивуд рипортер“.

     

    Во „Исцелител“, приказна за синот кој нема пари да му купи лекови за рак на болниот татко, па почнува да го лечи со алтернативна медицина, играат Благој Веселинов и Анастас Тановски.

    „Јас сум фасциниран од колапсот на здравството и сирмаштијата, ме фасцинира како парите лесно одат нагоре кај богатите, а многу тешко надолу кај сиромашните. Отсекогаш сум фан на Дарвиновата теорија за еволуцијата, математичар сум, и низ години сфатив дека толку ни е лошо здравството што никој не верува во медицина, туку во алтернативно лечење и теории на заговор, па идејата за филмот дојде од тука. Верувам дека во едно општество најважно е здравството, здравството го немаме и мора нешто да се смени“, изјави Ставрески по македонската премиера.

    Филмот беше и македонски кандидат за Оскар во категоријата за најдобар странски филм за 2019.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира