ЗДРАВСТВОТО НИ Е ТОЛКУ ЛОШО ШТО НИКОЈ НЕ ВЕРУВА ВО МЕДИЦИНА, РЕЧЕ ЃОРЧЕ СТАВРЕСКИ ПО ПРЕМИЕРАТА НА „ИСЦЕЛИТЕЛ“

    ЗДРАВСТВОТО НИ Е ТОЛКУ ЛОШО ШТО НИКОЈ НЕ ВЕРУВА ВО МЕДИЦИНА, РЕЧЕ ЃОРЧЕ СТАВРЕСКИ ПО ПРЕМИЕРАТА НА „ИСЦЕЛИТЕЛ“„Исцелител“, дебито на Ѓорче Ставрески синоќа имаше македонска премиера на затворањето на филмскиот фестивал Синедејс во Скопје (Фото: М. Златевска)

    Режисерот Ѓорче Ставрески и главните актери Анастас Тановски и Благој Веселинов (Фото: М. Златевска)

    Со стоечки овации беше испратена македонската премиера на „Исцелител“, дебито на Ѓорче Ставрески синоќа на затворањето на филмскиот фестивал Синедејс во Скопје. Ова првпат за 16 години Синедејс да затвора со македонски филм. Црната комедија на Ставрески минатата недела освои награда од публиката на фестивалот во Солун, а гледачите синоќа во Скопје со громогласен аплауз ги поздравија авторот и екипата по проекцијата.

    Актерката Симона Димковска дебитира во „Исцелител“ (Фото: М. Златевска)

    Во „Исцелител“, приказна за синот кој нема пари да му купи лекови за рак на болниот татко па почнува да го лечи со алтернативна медицина, играат  Благој Веселинов  и Анастас Тановски, камерата е на Дејан Димески, а филмот од денеска игра на редовниот репертоар во кината Милениум и Синеплекс во Скопје.

    „Јас сум фасциниран од колапсот на здравството и сирмаштијата, ме фасцинира како парите лесно одат нагоре кај богатите, а многу тешко надолу кај сиромашните. Отсекогаш сум фан на Дарвиновата теорија за еволуцијата, математичар сум, и низ години сфатив дека толку ни е лошо здравството што никој не верува во медицина, туку во алтернативно лечење и теории на заговор, па идејата за филмот дојде од тука. Верувам дека во едно општество најважно е здравството, здравството го немаме и мора нешто да се смени“, рече денес на прес конференцијата Ставрески и најави дека в петок филмот ќе игра во конкуренцијата за награди на фестивалот во Талин Естонија, а подоцна и во Гоа, Индија.

    Актерот Александар Микиќ со сопругата, харфистката и актерка Весна Стојановска (Фото: М. Златевска)

    „Грците беа фасцинирани од филмот и одлично го примија, в петок ќе игра во Талин и баш ме интересира како ќе реагира на темата публиката од богата земја“, вели Ставрески. Тој рече дека филмот е снимен во железничко депо на Македонски железници, дека немало отворен кастинг за глумците туку се избрани специјално.

    „Сценариото првично е од 2010, филмот го работев 6-7 години. Првите 3 драфта беа драма, но после мојот кус филм комедија во омнибусот ‘Скопје ремикс’ сфатив дека ми е многу интересен тој жанр, па го направив ‘Исцелител’ црна комедија“, вели Ставрески.

    Ова е прва македонско-грчка копродукција, а Ставрески рече дека грчкиот продуцент се нафатил за филмот и покрај економската криза во Грција.

    На премиерата публиката беше пречекана со колач и рецепт во кој меѓу другите состојки има и М (Фото: М. Златевска)

    Актерот Благој Веселинов вели дека се соживеал со животот на железничарите од кои голем дел се статисти во филмот, живеел и јадел со нив, се стопил со целата околина.

    ИСЛАНДСКИОТ „СРЦЕ ОД КАМЕН“ ПОБЕДИ НА СИНЕДЕЈС

    Исландско- данскиот филм „Срце од камен“ на Гудмундур Анар Гудмундсун ја доби наградата Златна ѕвезда за најдобар филм на годинашниот фестивал на европски филм Синедејс.

    Најдобар режисер е Ѓорѓи Кристоф од Словачка, за филмот „Надвор“, а британско- грчката копродукција „Плоштад Америка“ ја доби наградата за најдобро сценарио.

    За филмовите во официјалната програма одлучуваше жирито на чело со наградуваниот турски режисер Семих Капланоглу, добитник на Златна мечка во Берлин во 2010 за филмот „Мед“.
    Наградата Златно сонце на најдобар филм во програмата СинеБалкан ја доби албанскиот „Зора“ на Генитан Кочи.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари