Тројца дебитанти, Радован Петровиќ, Саша Станишиќ, Николче Поповски, добија вкупно околу 830.000 евра за снимање на долгометражните играни филмови на Конкурсот за финансирање филмски проекти во вториот рок за 2025 година на АгенциЈата за филм. За игран филм во овој рок околу 290.000 евра доби и норвешко-македонскиот режисер Изер Алиу.
Агенцијата за филм соопшти дека се доделени трикратно повеќе средства во однос на првиот рок, односно вкупно 97,3 милиони денари (околу 1,57 милиони евра).
„Главниот фокус на овој конкурс е ставен на поддршка на млади и перспективни автори, како и на нови режисерски и продукциски гласови, паралелно со континуитетот на етаблирани автори и звучни имиња од домашната и регионалната филмска сцена. Во рамки на вториот рок поддржани се и четири долгометражни филмови во меѓународна копродукција со партнери од Албанија, Србија, Словенија и Црна Гора, што дополнително ја зајакнува регионалната соработка и меѓународната видливост на македонскиот филм“, вели Агенцијата за филм.
Петровиќ доби 18.5 милиони денари (околу 300.000 евра) за „Не плачи душо“ по негово и сценарио на Катерина Митровиќ и продукција на „ДФВП Партизанс ДООЕЛ“. Станишиќ доби 17 милиони денари (околу 275.000 евра) за „Враќање дома“ по негово сценарио и продукција на „Катавеј ДООЕЛ“, а Попоски доби 15 милиони денари (околу 243.000 евра) за „Патници“ по негово сценарио и продукција на „Синемон Медиа Фактори“. Алиу доби за третиот филм „Оџакот не чади“ по сценарио на Мерита Сали и продукција на „Моуви М Продакшн“.
Во категоријата долгометражни играни филмови со македонски малцински удел поддржани се 4 филма, меѓу кои и „8 Март – Меѓународен ден на жената“ на Срѓан Драгојевиќ по сценарио на Румена Бужаровска, „Југославија моја татковина“ на Горан Војновиќ и Александар Поповски и „Штом падне ноќ“ на Ереник Беќири и Марија Апчевска.
На овој конкурс се поддржани и два долгометражни и два краткометражни документарци, како и 8 краткометражни играни филмови.
Б. НЕСТОРОСКА



