ДЕБИТАНТСКИОТ ФИЛМ НА ВЕНИНОВА „ПРЕЕКСПОНИРАНО“ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО КАИРО

    ДЕБИТАНТСКИОТ ФИЛМ НА ВЕНИНОВА „ПРЕЕКСПОНИРАНО“ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО КАИРОАктерите Благој Веселинов и Сара Климоска и режисерката Елеонора Венинова велат дека било посебен предизвик да се работи во екот на пандемијата (Фото: К. Попов)

    „Преекспонирано“, дебитантскиот игран филм на режисерката и сценаристка Елеонора Венинова, ќе има светска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, чие 44. издание ќе се одржи од 13 до 22 ноември. Филмот ќе биде во натпреварувачка конкуренција на фестивалот кој спаѓа во А-категорија, а точниот датум на премиерата ќе се дознае по објавувањето на програмата.

    „На овој филм работев десет години, од кога датира првата верзија на сценариото. Оттогаш имаше многу верзии на сценариото, пред да дојдеме до снимената. Ова исто така е првиот филм кој се снимаше во екот на пандемијата, во тие вонредни услови, но презадоволна сум од она што го имаме“, изјави Венинова.

    Таа го дефинира филмот како психолошка драма, која делумно е инспирирана од вистински настани. Во главни улоги се Благој Веселинов, Камка Тоциновски и Сара Климоска, двете актерки кои соработуваа и во последните два филма на Милчо Манчевски, „Врба“ и „Кајмак“.

    „Во фокусот е брачна двојка која престојува во својата викенд-куќа во Охрид и нивните мир и брачна идила се нарушени од доаѓањето на една тинејџерка, која е ќерка на нивни блиски пријатели. Нејзините емоции, присуство и тинејџерски проблеми ќе ги натераат да го преиспитаат својот брачен живот“, откри Венинова дел од приказната.

    Продуцент на филмот е Гоце Кралевски („ДНФ филмс“). На него работеше меѓународна екипа: директор на фотографија е Лев Предан Коварски од Словенија, композиторка на оригинална музика е Линдзи Рајт од Велика Британија, сценограф е Срѓан Митровиќ од Србија, а костимографка е Жаклина Крстевска. Покрај Агенцијата за филм на Северна Македонија, филмот беше поддржан и од Филмскиот институт на Србија и европскиот фонд Еуримаж.

    Најавено е дека „Преекспонирано“ ќе дојде во македонските кина напролет.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира