ДЕДО МИ ЗАПИШАЛ 8.000 НАРОДНИ ПЕСНИ, А АРХИВАТА СТОИ НЕИСТРАЖЕНА, РЕЧЕ ВАСИЛ ХАЏИМАНОВ НА ПРОМОЦИЈАТА НА МОНОГРАФИЈАТА „ТАЖАЧКИ ПЕСНИ ОД СКОПСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО 1963“ ОД МАРТИНОВСКА И ИВАНОВ

    ДЕДО МИ ЗАПИШАЛ 8.000 НАРОДНИ ПЕСНИ, А АРХИВАТА СТОИ НЕИСТРАЖЕНА, РЕЧЕ ВАСИЛ ХАЏИМАНОВ НА ПРОМОЦИЈАТА НА МОНОГРАФИЈАТА „ТАЖАЧКИ ПЕСНИ ОД СКОПСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО 1963“ ОД МАРТИНОВСКА И ИВАНОВПромоторот на книгата Илина Јакимовска со авторите Жарко Иванов и Ана Мартиновска и музичарот Васил Хаџиманов (Фото: К. Попов)

    Во чест на македонскиот етномузиколог и фолклорист Васил Хаџиманов, сношти во Скопје беше промовирана на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов. Веднаш по земјотресот, Хаџиманов со касетофон ги снимал тажачките песни или народски кажано редачките на гробиштата на погребите на загинатите, потоа нотно и текстуално ги запишувал, а овие белешки и снимки стоеле долго во архивата на МАНУ, каде што ги однел неговиот син Зафир.

    Промоцијата беше можност, како што вели Мартиновска, „гласно да проговориме за овој ретко проучуван жанр и да потсетиме на животната мисија и импресивниот потфат на Васил Хаџиманов“.

    На промоцијата, беше присутен и неговиот внук, музичарот Васил Хаџиманов, синот на Зафир Хаџиманов. Васил Хаџиманов е роден во 1973, дедо му во 1906, а починал во 1969.

    „Не го запознав дедо ми, и сѐ уште ја формирам сликата за него. Секако дека од мојот татко многу слушав за Васил и секојдневно дознавам каков човек бил тој. Ако е некој подготвен секој ден да оди на гробиштата со луѓето кои тажат по најблиските, по таков еден страшен и трагичен настан, многу зборува за тоа каков човек бил. И ако некој потрошил две години од својот живот за да ги собере сите материјали како Ана и Жарко кои ја создадоа книгата, не знам што би рекол понатаму. Слушнавме само 15 секунди од една од тажачките, и на мене не ми беше добро. Васил направил нешто што ќе дојде по него, и се надевам дека допрва доаѓа“, кажа музичарот на промоцијата.

    Тој потсети на колосалното етномузиколошко дело на дедо му, над 8.000 македонски народни песни снимени и запишани, што со децении стои во архивата, а не е истражено. Ја повика македонската држава да го помогне истражувањето.

    Хаџиманов потсети на колосалното етномузиколошко дело на дедо му, над 8.000 македонски народни песни снимени и запишани, што со децении стои во архивата, а не е истражено. Ја повика македонската држава да го помогне истражувањето. (Фото: К. Попов)

    Промотор на книгата беше професорката Илина Јакимовска, која кажа дека говорот ќе го почне од иднината, кога се работи на тоа вештачката интелегенција да ги замени вистинските чувства и да ја елиминира тагата.

    „Порано, народот живеел без психолози и советници за личен развој. Се знаело сето она што денес го знаат психолозите, дека секоја загуба на близок треба да помине низ фаза на одрекување, па лутина и на крајот прифаќање и тага. За прв и последен пат слушнав редачка на погреб на девојка која одеше со мене во основно училиште на средината на осумдесеттите. Таа загина во сообраќајка“, рече Јакимовска.

    Таа е авторка на поткастот „Обични луѓе“, и се сети каква коинциденција забележала кога ја поканиле да биде промотор на книгата. Нејзиниот другар од училиште, аудиоинженерот Бојан Угриновски кој живее во Швајцарија волонтерски ги дигитализирал тонските ленти со снимките од Хаџиманов.

    „Бојан дојде кај мене на гости пред десетина дена и уште од врата ми кажа: ‘Леле, какви ленти сум дигитализирал, мораш да дојдеш на промоцијата на 5 декември’. Во исто време добив порака од Ана и Жарко на Фејсбук дека ќе им биде мило јас да им бидам промотор на книгата. Во исто време лаптопот отворен, последната епизода од нашиот подкаст за жената која ги одржува гробиштата во Бутел. Од сите гробови сум го сликала оној на Ваисл Хаџиманов, на кој има жичан инструмент. Мислам дека сега ако нѐ гледа од некое место би му било мило што не тажиме на неговиот гроб, туку му ја оддаваме должната почит“, кажа Јакимовска.

    Еден од авторите на монографијата, Жарко Иванов, рече дека во 40-те кутии во МАНУ, тој и Ана Мартиновска нашле и различни материјали, од  исечоци од весници до дневни белешки на Хаџиманов.

    “Најдовме 40 кутии, една по една, и иако не беа добро систематизирани, знаевме дека има уште материјали кои треба да ги видиме“, кажа Иванов.

    „Ја оттагувавме секоја песна, ги знаеме сите семејства кои загинале во земјотресот, ги знаеме сите деца, им ги знаеме масовните гробници каде што се и по десет семејства. Биографот на Хаџиманов, Ѓорѓи Ѓорѓиев се обидел да ги преслуша песните, но по вториот обид се откажал“, рече авторката Ана Мартиновска.

    По промоцијата, музички настап имаа Васил Хаџиманов, Вера Милошевска-Јосифовска, Оливер Јосифовски, Ратко Даутовски и Виктор Филиповски (Фото: К. Попов)

    Првиот податок за постоењето на овие снимки, авторите го  пронашле во еден текст на професорот Кирил Пенушлиски, и продолжиле да истражуваат. Објавени се 165 тажачки песни. Мартиновска кажа дека Љубомир Ѓоревски од Архивот на МАНУ им бил од голема помош, а тонските сниматели Бојан Угриновски и Александар Петровски, ги дигитализирале лентите. Поетот Александар Прокопиев за монографијата напиша оти е редок проект.

    По промоцијата, музички настап имаа Васил Хаџиманов, Вера Милошевска-Јосифовска, Оливер Јосифовски, Ратко Даутовски и Виктор Филиповски. Пред да ја испее со „Маки сум се родила“, Милошевска- Јосифовска кажа дека емоционално не се чувствува подготвена да пее тажни песни, и изрази сочувство за смртта на 14- годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира