Култниот американски режисер Дејвид Линч ќе биде награден со почесен Оскар, објави Бордот на гувернери на Академијата за филмска уметност и наука. Покрај Линч, за животно дело ќе бидат наградени и италијанската режисерка Лина Вертмилер и американскиот актер Вес Стади, додека Џина Дејвис ќе ја добие хуманитарната награда „Џин Хершолт“.
Линч го сними својот прв филм во 1977 година и веднаш се етаблираше како еден од најспецифичните и највлијателни филмаџии во Холивуд. Неговата драма од 1980 година „Човек слон“ беше номинирана за дури осум оскари, а самиот Линч четири пати беше номиниран низ кариерата, но ниту еднаш не успеа да слави.
Сега 91-годишната Вертмилер испиша историја во 1976 година, кога стана првата жена која била номинирана за оскар за најдобра режија, додека Стади се прослави со улогите на силни ликови со индијанско потекло, вклучувајќи го „Танц со волците“.