ДЕЛ ОД ФОТОГРАФСКАТА РИЗНИЦА НА ЖИВКО ЈАНЕВСКИ НА ИЗЛОЖБА ВО КИЦ ВО СКОПЈЕ

    ДЕЛ ОД ФОТОГРАФСКАТА РИЗНИЦА НА ЖИВКО ЈАНЕВСКИ НА ИЗЛОЖБА ВО КИЦ ВО СКОПЈЕНа овие фотографии снимени од средината на 1989 до 1994, документиран е периодот на осамостојување на нашата држава како и времето на големите опшествени промени; - „Леб и сол“ на дочек на 1990 година во Скопје. (Фото: Ж. Јаневски)

    Сто и десет дигитално испечатени фотографии од фоторепортерот и дојаен на македонската фотографија Живко Јаневски (1940-2000) содржи изложбата „Точки на интерес“ која ќе се отвори на 1 декември во 19:30 часот во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Станува збор за истражувачки проект од 2020 година во Музејот на Град Скопје на Одделот за современа фотографија и филмски материја.

    Кустосот Станко Неделковски случајно пронашол жолти коверти со фотографски материјали (филмски негативи) и сфатил дека целокупниот материјал е од Јаневски работен за потребите на „НИП Нова Македонија“.

    „Истражувањето насловено ‘Меморијата на Живко Јаневски’ се насочи во правец на пронаоѓање на фотографиите во дневниот весник ‘Нова Македонија’ и другите изданија на издавачкото претпријатие за нивно датирање и потребата за нивното објавување. Истражувањето во големиот материјал (285 црно бели филмови, 9.500 негативи) упатува на сознание дека станува збор за еден релевантен документарен и авторски исказ. По извршениот преглед водени од естетските вредности на авторот се направи концепција и избор за изложба, се дигитализираа и обработија негативите за печатење“, вели Неделковски.

    Првиот претседател Киро Глигоров во Собранието во 1991. (Фото: Ж. Јаневски)

    Поголемиот дел од фотографиите биле објавени, служејќи како илустрации на текстови или студиозни презентации на одредени проблеми и теми во дневниот весник, а преку објавените фотографии се датира периодот на создавањето на фотографскиот материјал.

    Живко Јаневски (десно) со Томислав Димовски-Бучки. (Фото: Нова Макдонија)

    Во овие фотографски записи, материјали достапни за оваа изложба, снимени во почеток на 1990-те години на минатиот век односно од средината на 1989 до 1994 година, документиран е периодот на осамостојување на нашата држава како и времето на големите опшествени промени.

    „На филмските негативи запишани се првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички преставници од повеќе земји и организации и бројни други случувања околу Собранието како и бројни културни и спортски настани. Проценка е дека тоа се извонредни материјали, снимени од еден наш врвен фото журналист, кои сега и јавно се презентираат во форма на изложба“, додава кустосот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира