ДЕЛ ОД ПРАЗНИОТ ПРОСТОР ПОД ОПЕРАТА ЌЕ СЕ ПРЕНАМЕНИ ВО СКЛАДИШТЕ ЗА ПОВЕЌЕ КУЛТУРНИ ИНСТИТУЦИИ, КАЖА КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА

    ДЕЛ ОД ПРАЗНИОТ ПРОСТОР ПОД ОПЕРАТА ЌЕ СЕ ПРЕНАМЕНИ ВО СКЛАДИШТЕ ЗА ПОВЕЌЕ КУЛТУРНИ ИНСТИТУЦИИ, КАЖА КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКАСтанува збор за простор кој со години е празен и руиниран. (Фото: К. Попов)

    Дел од неискористениот простор под Националната опера и балет (НОБ) ќе се осовремени да се користи за складирање на повеќе национални установи, најави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на брифингот со медиумите пред Нова година. Станува збор за простор кој со години е празен и руиниран.

    Костадиновска-Стојчевска потсети дека новоформираниот Џез-оркестар доби простор од 475 квадратни метри под објектот на НОБ каде порано имаше дуќан со килими, а е во државна сопственост и во владение на Министерството за култура. Тоа е простор спроти просториите на КУД „Орце Николов“, кој порано беше дискотека.

    „Имавме неформален состанок со театрите, од тој цел простор под НОБ остануваат уште 1.400 квадратни метри. Во тие простории ќе осовремениме уште простор, кој ќе го користат останатите национални установи. Ќе вложиме уште пари, ќе го доопремиме за сè што им треба на театрите и националните установи од околината да го користат како простор. Затоа што имаме проблеми со фундуси, депоа и слично“, кажа министерката за култура.

    САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со неколку директори на културни институции, кои велат дека таа просторна квадратура е неискористена со години и не гледаат зошто да не се користи и за други намени, како за фундус за други културни институции.

    „Имаме потреба за складирање на секакви материјали, од костими до сценографии кои веќе не се играат на репертоарите. Не само што се собираат низ годините, туку веќе и условите не се соодветни“, ни рекоа повеќе директори.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира