Уметникот и професор Беди Ибрахим на 28 октомври (20 часот) ја отвора ретроспективната изложба во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ). Изложбата содржи дела од сите творешки опуси и фази на Беди Ибрахим, од 1980-тите години до денес. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски.
„Ибрахим целиот свој живот го има посветено на ликовното творештво, како на домашната, така и на меѓународната ликовна сцена, создавајќи релевантни ликовни дела кои ја претставуваат Македонија на глобално рамниште, а своите длабоки творечки искуства како професор на Факултетот за ликовна уметност (ФЛУ) на најпрофесионален и најревносен начин им ги пренесува на младите кадри, кои ја претставуваат иднината на македонската ликовна уметност и култура“, вели Конча Пиркоска во каталогот за изложбата.
Според Пиркоска, срцевината на концептот за оваа изложба на Ибрахим е во намерата естетски да се обликува и да се артикулира просторот на амамот и да се создаде сопствен визуелно-вербален амбиентален простор во кој минатите дијалози ги преобликува во сопствен монолог за сеќавањето на едно минато време и на тој начин создава ново кажување за идните генерации. Изложбата е составена од повеќе елементи што секој за себе содржат сопствена семантика.
Ибрахим е роден во Скопје во 1959, на ФЛУ оддел за скулптура завршил во 1985. Во 1999 завршил постдипломски студии на истиот факултет. Член на групата „Зеро“. Во 1991, како стипендист на ФЛУ престојувал при Универзитетот „Мимар Синан“ во Истанбул, како и во ателјето на светски познатиот архитект Џенгис Бекташ. Во 1992, под менторство на Томур Атагок престојувал на Јилдиз Универзитетот во Истанбул каде вршел истражувања во Кападокија. Од 2001 работи како вонреден професор по вајање на ФЛУ. Во 2012 е избран за редовен професор на Катедрата по вајарство на ФЛУ во Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА