ДЕЛОТО НА РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ И МОНИКА МОТЕСКА Е МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИК НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ НА УМЕТНОСТА

    ДЕЛОТО НА РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ И МОНИКА МОТЕСКА Е МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИК НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ НА УМЕТНОСТАРоберт Јанкулоски со соработничката Моника Мотеска и Националната галерија (НГМ) во Венеција оди со проектот „Пејзажно искуство“. (Фото: Фејсбук)

    Проектот „Пејзажно искуство“ (Landscape Experience) на Роберт Јанкулоски со соработничката Моника Мотеска и Националната галерија (НГМ) е годинешен македонски преставник на 59. Венециското биенале на уметноста, соопшти Министерството за култура. Венециското биенале на уметноста ќе се отвори на 23 април, а ќе трае до 27 ноември.

    „Проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни, локални и национални, а сепак универзално препознатливи. Нивните сублимирани сцени, објекти, видеа и просторна инсталација го сугерираат односот тело-природа, човек-технологии, човекот како несовршено суштество и негова когнитивна симбиоза со останатиот жив свет и околина. Низ квалитетен материјал и портфолио, авторот и кураторката Ана Франговска го развиваат и докрај го објаснуваат проектот како соодветен одговор на темата на Биеналето ‘Млеко од соништата’“, вели во образложението стручната комисија при Министерството за култура.

    Фотографот и снимател Роберт Јанкулоски е професор на Факултетот за филмски уметноси на приватниот Универзитет ЕСРА, автор е на над 30 изложби и речиси 20 години го истражува творештвото на браќата Манаки, од што произлегоа монографијата и документарецот „Манаки, приказна во слики“. Неговата сопруга Моника Мотеска е проминентна мултимедијална уметничка која се занимава со сликарство, фотографија, видео и инсталација, а авторка е на над 20 изложби.

    Проектот на Јанкуловски е избран меѓу петте пријавени на конкурсот на Министерството. Еден од нив не се разгледувал откако подносителот достави писмено известување дека го повлекува проектот од учество на Конкурсот. Пријавените проекти се „Божествена пародија“ на Страхил Петровски (Музеј на Град Скопје), „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски (Младински културен центар – Скопје) и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ ( Музеј на современата уметност – Скопје).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира