ДЕНЕС Е СЛОБОДЕН ВЛЕЗОТ ВО СИТЕ МУЗЕИ НИЗ ЗЕМЈАВА

    ДЕНЕС Е СЛОБОДЕН ВЛЕЗОТ ВО СИТЕ МУЗЕИ НИЗ ЗЕМЈАВАВо МСУ предавање ќе одржи македонската уметница Клелија Живковиќ, чие дело е дел од изложбата на 14.Биенале на млади уметници. (Фото: МСУ)

    Влезот во сите музеи низ земјава денес ќе биде бесплатен, во чест на 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите. Оваа година, Меѓународниот совет на музеите ИКОМ го одбележува денот со темата „Музеи, одржливост и благосостојба“.

    „Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во промоцијата на одржливост и благосостојба, можат да инспирираат, да образоваат и да иницираат позитивни промени во различни аспекти на животот за сите нас“, вели Министерството за култура.

    Националната галерија на Северна Македонија, за денес во 12 часот во Даут пашин амам ја најавува промоцијата на монографијата посветена на животот и творештвото на скулпторката Анета Светиева. Во објеките на Галеријата, влезот е слободен во редовното работно време од 10 до 18 часот.

    Во 13:30 часот во Музејот на Македонија ќе се отвори изложбата „70 години Историски музеј на Македонија“. Ќе се претстават голем број дела на еминентни македонски сликари и скулптори, од колекцијата на Историскиот оддел при музејот.

    „Најголем дел од овие значајни уметнички творби и музејски предмети никогаш досега не биле изнесени од историското музејско депо. Покрај тоа, преку документи, изложбени плакати, каталози и други публикации, ќе може да се проследи развојот и активностите на оваа музејска институција“, велат од Музејот на Македонија.

    Во Музејот на македонската борба за самостојност и во Археолошкиот музеј достапни се постојаните поставки во редовното работно од 10 до 18 часот.

    Во 19 часот во Музејот на современата уметност (МСУ) во рамките на едукативната програма, предавање ќе одржи македонската уметница Клелија Живковиќ, чие дело е дел од изложбата на 14.Биенале на млади уметници.  Живковиќ е трансдисциплинарна дизајнерка од Скопје, која ја истражува улогата на дизајнот во обликувањето на општествената и еколошката реалност преку примена на прототипирањето како истражувачки и продукциски формат.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира