ДЕНЕС СЕКОЈ ОД НАС ТРЕБА ДА СЕ ЗАПРАША КОЛКУ ГО ЗНАЕ МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИНСТИТУТОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА

    ДЕНЕС СЕКОЈ ОД НАС ТРЕБА ДА СЕ ЗАПРАША КОЛКУ ГО ЗНАЕ МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИНСТИТУТОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКАПроф. д-р Елена Јованова-Грујовска на прославата на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. (Фото: Принтскрин од видео)

    Македонците по многувековна борба се изборија за признавање на мајчиниот македонски јазик. Затоа, ние ја почитуваме желбата на нашите сограѓани, но и на сите луѓе во светот да зборуваат на својот мајчин јазик, рече директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ проф. д-р Елена Јованова-Грујовска на прославата на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

    Јованова-Грујовска кажа дека Институтот како најголем промотор и овластен за заштита на македонскиот јазик, годинава со гордост одбележува 150 години од раѓањето на патронот Крсте Петков Мисирков (18 ноември 1874) и прв неформален кодификатор на македонскиот јазик, како и 80 години од Првото заседание на АСНОМ(2.08.1944) на кое е конституирана македонската држава, а македонскиот е заведен како службен јазик во неа.

    На новинарско прашање дали можеме да кажеме дека на завидно ниво го владееме мајчиниот, таа кажа дека токму на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик точно секој од нас треба да се запраша кое ни е нивото на познавање на мајчиниот јазик.

    „Институтот за македонски јазик се грижи и единствен овластен субјект за заштита на македонскиот јазик, меѓутоа и го проучува на сите рамништа, го штити и го промовира. Секогаш има потреба за уште нешто. Независно од тоа што имаме исклучително добра продукција на книги, на изданија секоја година, кај нас станува збор пред сѐ за научни изданија, секогаш можеме да кажеме дека може уште и дека и следнава година конкретно сега 2024 година ќе објавиме барем 10-ина научни трудови што се поврзани со македонскиот јазик“, кажа директорката.

    Проф. д-р Борче Арсов, научен советник при Институтот, рече дека токму на овој ден треба да се посочи на потребата за грижата за мајчиниот јазик и апелираше до учениците од основни и средни училишта кои зборуваат на сите јазици во земјава, но и пошироко, а кои присуствуваа на манифестацијата, да ги чуваат почитуваат и негуваат своите мајчини јазици бидејќи тие нѐ учат, нѐ образуваат,е обликуваат, но упати и на потребата од владеење на македонскиот јазик.

    „На овој ден освен што ќе ве потсетам на должноста на грижата за својот мајчин јазик, сакам и да ви порачам, сакајте го и македонскиот јазик, без разлика кој е вашиот мајчин јазик, зашто македонскиот јазик е цврст столб на нашето општество на кој можеме и на кој треба сите да се потпираме, тој е мост за јазично и културно и духовно собитисување“, кажа проф. д-р Арсов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира