ДЕНЕСКА ПОЧНУВА 79. ВЕНЕЦИСКИ ФЕСТИВАЛ, ФИЛМОТ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ЌЕ ИМА ПРЕМИЕРА НА 2 СЕПТЕМВРИ

    ДЕНЕСКА ПОЧНУВА 79. ВЕНЕЦИСКИ ФЕСТИВАЛ, ФИЛМОТ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ЌЕ ИМА ПРЕМИЕРА НА 2 СЕПТЕМВРИ„Најсреќниот човек на светот“ е првиот македонски филм во Венеција по 20 години пауза. (Фото: Продукција на филмот)

    Денеска се отвора 79. издание на Венецискиот филмски фестивал, на кој светска премиера ќе има и новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“. Филмот, кој е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска, ќе учествува во паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти, а премиерно ќе се прикаже в петок во салата „Дарсена“, потоа ќе има уште една јавна проекција, в сабота во киносалата „Палабиенале“. „Најсреќниот човек на светот“ после Венеција ќе игра и во селекцијата на фестивалот во Торонто (8-18 септември).

    Ова е првиот македонски филм кој се прикажува во Венеција од „Судијата“ на Жанета Вангели во 2002 и следува 28 години по триумфот на Милчо Манчевски со „Пред дождот“ кој го освои Златниот лав. Во 2001, „Прашина“ на Манчевски го отвори Венецискиот фестивал .

    Венеција беше единствениот голем филмски фестивал кој не го откажа своето физичко издание во пандемијата, а сега ја отстрани и последната ковид рестрикција, „ѕидот“ со кој беше ограден црвениот тепих на Лидо во изминатите две години.

    На денешното отворање се очекуваат повеќе од 1.000 гости, а на ослободениот црвен тепих треба да прошетаат и претседателката на жирито, Џулијан Мур и главните актери од новиот филм на Ноа Баумбах, „White Noise“, меѓу кои се Грета Гервиг, Адам Драјвер и Дон Чидл.

    Во следните денови се очекува доаѓањето и на бројни други филмски ѕвезди.

    Сите доаѓаат. Засега нема најави за откажување меѓу главните ѕвезди на сите филмови кои се во официјалната селекција“, вели директорот на фестивалот, Алберто Барбера.

    Тоа значи дека меѓу гостите се очекуваат и Кејт Бланшет, Тимоти Шаламе, Пенелопе Круз, Шија Лебуф, Оливија Вајлд, Хари Стајлс, Флоренс Пју, Ана де Армас и Брендан Фрејзер, кои сите треба да ги презентираат своите нови филмови.

    Фестивалот ќе трае до 10 септември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира