Џоди Фостер ќе добие почесна Златна палма на Канскиот филски фестивал, кој ќе се одржи од 6 до 17 јули. Фостер, која има два Оскара за најдобра актерка, за „Обвинета“ и „Кога јагнињата ќе стивнат“, ќе биде и почесна гостинка на свеченото отворање на 6 јули.
Таа за првпат беше на Канскиот фестивал како 13-годишно девојче, во 1976 година како дел од екипата на „Таксист“, кој таа година и ја освои Златната палма. Нејзиниот трет филм како режисерка „Дабар“ играше во Кан вон официјалната селекција во 2011, исто како и нејзиниот трилер од 2016 „Игра на пари“.
„Кан е фестивал на кој многу му должам, целосно ми го промени животот. Иако имав режирано претходно, првпат кога се појавив на Кроазетата беше пресвртен момент за мене. Отсекогаш ми било сон да претставам некој од моите филмови овде. Кан е фестивал на филмски автори кои ги чествуваат уметниците“, изјави 58-годишната актерка и режисерка.
Претседателот на Фестивалот, Пјер Лескур рече дека „доаѓањето на Џоди Фостер да го прославиме враќањето на Кан на Кроазетата е прекрасен подарок за нас“, а уметничкиот директор Тјери Фремо кажа дека Фостер не престанува одново и одново да се појавува во поинакво светло.
Лескур и Фремо денес ќе ја соопштат официјалната селекција за годинашниот фестивал. Засега е познато дека филм за отворање е „Анет“ на Леос Каракс.