ЏУЗЕПЕ РОТУНО, СНИМАТЕЛОТ НА ФЕЛИНИ И ВИСКОНТИ, Е ЛАУРЕАТ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

    ЏУЗЕПЕ РОТУНО, СНИМАТЕЛОТ НА ФЕЛИНИ И ВИСКОНТИ, Е ЛАУРЕАТ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ЖИВОТНО ДЕЛОИталијанскиот великан Џузепе Ротуно е најголемиот жив светски кинематографер; - Фестивалот „Браќа Манаки“ денеска ја презентираше и статуетката на Златната Камера 300 за животно дело, која ја изработи скулптурот Димитар Филиповски

     

    Најголемиот жив светски кинематографер, италијанскиот великан Џузепе Ротуно е првиот лауреат на Златна Камера 300 за животно дело на годинешното 38. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 23 до 30 септември во Битола, соопшти денеска директорот Благоја Куновски – Доре. Ротуно е снимателот на легендарните филмови на Фелини и Висконти, а Куновски  рече дека со доделувањето на Златната камера на 94-годишниот кинематографер се заокружува Клубот на великани на „Браќа Манаки“.

    „Без овој великан на светската кинематографија, годинашниот лауреат на големата Златна камера 300 за животно дело, нашиот Клуб на великаните не може да се замисли. Неговиот опус кажува сѐ, тој е човекот кој ги сними најзначајните дела на великанот Фредерико Фелини, најважните дела на Висконти, а откако го покажа својот генијален потенцијал и најголемите режисери на американската кинематографија го побараа за да ја искористат неговата моќ, неговата креативна способност и сите резултати што потоа ги покажа работејќи со Мајк Николс, со Боб Фос го сними „Сиот тој џез“ и со други светски имиња, па така Џузепе Пепино Ротуно е гордост на нашиот Клуб на великани“, рече Куновски и додаде дека наградата на Ротуно ќе му ја предаде неговиот ученик и исто така голем кинематографер Лука Гоасин.

    Фестивалот денеска ја презентираше и статуетата на Златната Камера 300 за животно дело, која ја изработи скултурот Димитар Филиповски.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира