Директорката на Национаната галерија на Македонија (НГМ) Дита Старова-Ќерими денеска беше одликувана со признанието Орден „Витез на Редот Ѕвезда на Италија” од италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
На свечениот настан во Чифте амам, во присуство на голем број уметници, студенти, колеги, пријатели, Старова-Ќерими, која е и уметница и професорка, со големи емоции го прими Орденот што го доделува претседателот на Италија Серџо Матарела за воспоставување и негување на лични и професионални релации со Италија, за соработка во различни области и продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави, а на предлог на министерот за надворешни работи.
Амбасадорот Силвестри кажа дека Старова-Ќерими низ годините има одлична соработка со Италија како културен менаџер, неколку пати беше и е годинашен куратор на Венециското биенале на уметноста и врвен професионалец.
„Витез на Редот Ѕвезда на Италија“ е одликување воведено во 1947 како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име.
По свеченото одликување, беше отворена изложбата „Најдрагиот Пинокио, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“. Изложени се 60 дизајн проекти од 30 дизајнери и 30 графички дизајнери, по повод 140-годишнината од првото издание на книгата „Авантурите на Пинокио – Приказна за куклата“ од Карло Колоди, најпреведуваната италијанска книга во светот.
Б. НЕСТОРОСКА