ПРОДАДЕНИ СИТЕ ПАРЦЕЛИ ЗА ВИКЕНДИЦИ КАЈ СМОЛАРСКИОТ ВОДОПАД, ЦЕНАТА ДОСТИГНА 30 ЕВРА ЗА КВАДРАТ

    ПРОДАДЕНИ СИТЕ ПАРЦЕЛИ ЗА ВИКЕНДИЦИ КАЈ СМОЛАРСКИОТ ВОДОПАД, ЦЕНАТА ДОСТИГНА 30 ЕВРА ЗА КВАДРАТЛани беа продадени сите парцели од викенд-населбата кај Мокрино, каде веќе е изградена патна инфраструктура со помош на Светска банка. (Фото: СДК.МК)

    Сите парцели што Општина Ново Село ги понуди за изградба на викендици во близина на Смоларскиот Водопад на планината Беласица се продадени. Поради големиот интерес, цената за квадратен метар достигна и до 30 евра, а од понудените десет парцели кај Смоларе и три кај Мокрино, Општината инкасираше 5,7 милиони денари или околу 93.000 евра.

    Овие пари ќе се инвестираат во инфраструктура, кажа градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, кој најави дека догодина ќе се понудат и останатите 20 парцели од викенд-населбата кај Смоларе.

    „Општината обезбедува комплетна инфраструктура и парите што ги добивме од продажбата на парцелите ќе одат за таа цел. Наредната година планираме да се издадат уште 20 парцели кај Смоларе, за кои има огромен интерес и се постигнаа високи цени за квадратен метар“, рече Божинов.

    Лани беа продадени сите парцели од викенд-населбата кај Мокрино. Таму веќе е изградена патна инфраструктура со помош на Светска банка. Истата се наоѓа кај излетничко-рекреативниот локалитет Пирго, каде што се наоѓа и средновековната кула. Двете викенд-населби треба да бидат со типски куќи и да понудат сместување на посетителите на природните убавини на Беласица.

    „Со изградбата на викенд-куќите очекувам да се амортизира потребата од сместувачки капацитети во нашата општина. Еден од главните проблеми за развојот на туризмот овде е што немаше сместување, па гостите претежно беа на поминување, без да се задржат и да ги истражат убавините на Беласица“, кажа Божинов.

    Проценките се дека водопадите и останатите природни убавини на Беласица во Општина Ново Село ги посетуваат околу 15.000 гости од земјава и од странство.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира