Оскаровецот Алехандро Гонзалес Ињариту и полскиот наградуван режисер Павел Павликовски синоќа беа специјални гости на отворањето на 25. Сараевски филмски фестивал. Директорот на фестивалот Мирсад Пуриватра на реномираните автори им ги врачи почесните награди „Срце на Сараево“.
Славниот мексикански режисер Ињариту ја доближи наградата до своето срце и рече дека е почестен и дека му се исполнил сонот да дојде во Сараево и да го сподели признанието со своето семејство, и како што рече, драгите пријатели Павел Павликовски и Данис Тановиќ.
„Кога ќе остарите, почнувате да водите поголема грижа за вашето срце, а јас вчера наполнив 56 години и го добив најдобриот подарок, ново срце“, рече Ињариту.
Павликовски се потсети дека во 1981 го гледал филмот „Се сеќаваш ли Доли Бел“ на Емир Кустурица, во кој „се вљубил“ и го доживеал како „љубовно писмо за Сараево“.
„Отсекогаш сакав да снимам филмови, но и да го посетам Сараево, што и го направив во изминативе неколку години. Го видов во различни фази, за време на војната, после војната и секогаш ме исполнува со силни емоции. Тоа е град полн со парадокси, но има силно срце кое е посилно од секоја идеологија и национализам. Тоа е моќно срце и овој фестивал е израз на тоа“, рече Павликовски, чиј филм „Студена војна“, кој доби пет европски Оскари и номаниција за Оскар, лани го отвори Сараевскиот филмски фестивал.
Јубилејното издание на фестивалот ќе трае до 23 август, а во конкуренција за наградата „Срце на Сараево“ се 53 филмови во четири натпреварувачки програми. Во документараната програма ќе се прикаже македонскиот наградуван филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов. Во програмата Во фокус ќе има проекција на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска.