„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски и „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска не добија номинации за Европските филмски награди, откако се најдоа во пошироката селекција.
Европската филмска академија објави дека за најдобар филм ќе конкурираат „Анатомија на падот“ (Франција), „Паднати лисја“ (Финска/Германија), „Зелена граница“ (Полска/Франција/Чешка/Белгија), „Зоната на интерес“ (Велика Британија/Полска) и „Јас, капетанот“ (Италија/Белгија).
За најдобар европски актер се номинирани Томас Шуберт, Јуси Ватанен, Џош О‘Конор, Мадс Микелсен и Кристијан Фридел, а во женска конкуренција Ека Чавлешвили, Алма Пејсти, Мија Мекена-Брус, Леони Бенеш, како и Сандра Хилер за два филма.
Церемонијата на доделувањето на „европските оскари“ ќе се одржи на 9 декември во Берлин.