Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија прослави 95 години од отворањето.
Истакнатиот историчар на уметноста и поранешен почесен конзул на Јапонија, Коста Балабанов рече дека е одлична идејата да се прослави 95-годишнината на музејот, за да се видат со луѓето со кои подолго време заедно работеле.
„Луѓето кои работеле изминатиот период се многу значајни и заслужни за да се каже дека Македонија е волшебна земја на археологијата. Тоа значи дека и овие луѓе што работеле се волшебни археолози. Ние изгледа многу малку се интересираме за луѓето кои што во одредена сфера нешто оставиле, нешто направиле. Ентузијазмот на овие луѓе покажува со каква љубов тие работеле. Најзначајното за нив беше да откријат, да протолкуваат и нормално да остават зад себе една приказна за тоа што се случувало низ вековите на оваа територија низ која поминале две, три или не знам колку цивилизации“, кажа Балабанов.
Според професорката и поранешна директорка на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова, Археолошкиот музеј е прва научна институција формирана на ова тло.
„Одлуката за формирање на оваа институција е донесена во Белград во 1922 година, а самото нејзино формирање е во 1924 година. Оттогаш наваму низ оваа институција поминале плејада на научници, археолози, историчари на уметноста на градители на археолошкиот сон на овие простори и не само на просторот на Македонија, туку и пошироко во поранешна Југославија. Сите тие се вградиле во таа институција и сите придонеле значењето на оваа институција да биде толку големо колку што се тие самите големи“, рече Петрова.
Собирањето на предметите од античкиот и од средновековниот период започнало во 1919 година, а пет години подоцна бил оформен тогашниот Музеј на Вардарската Бановина како прва музејска институција и бил сместен во Куршумли ан во Старата скопска чаршија. Подоцна преименуван во Музеј на јужна Србија, па Народен музеј во текот на Втората светска војна, од 1949 година се нарекува Археолошки музеј на Македонија, кога музејските збирки биле сместени во зградата на касарната на Скопското Кале.
Од 1982 до 2013 година, Археолошкиот музеј дејствуваше како составен дел од Музејот на Македонија. „Поминувајќи низ сите историски и општествени промени, Археолошкиот музеј во Скопје во текот на своето постоење од речиси цел век, до денес продолжува да биде столб на собирањето, истражувањето, згрижувањето, проучувањето и презентацијата на движното археолошко наследство“, велат од Музејот.
Б. НЕСТОРОСКА