Два месеца е затворено киното Милениум во скопскиот Градски трговски центар. Киното е во мрак, билетарата со валкани стакла, а истакнати се постери од филмови кои се прикажувале изминатиот период. Киното на 2 април на нивната фејсбук страна објави дека „Поради технички причини, Кино Милениум нема да прикажува проекции во следниот период. Штом имаме повеќе информации за повторно активирање на нашата редовна програма, веднаш ќе објавиме на нашите профили и нашата веб страна“.
Директорот на Младинскиот културен центар (МКЦ) Арбен Бени Шаќири ни рече дека киното Милениум е моментално затворено поради безбедносни причини поради прокиснување на кровот на неколку места и дека тоа е проблем кој се провлекува подолго време.
„За ова се известени сите релевантни инстанци, од Управен одбор до Надзорен одбор како и Управата на ГТЦ кои се исклучиво надлежни за интервенција на тие позиции! Јас,како раководно лице не сакам да дозволам никој да настрада во киното за каков било настан и да се работи, и настојувам да се интервенира на поправка на кровот како би можеле да продолжиме со нормално функционирање на киното! Искрено се надевам дека проблемот ќе биде надминат час поскоро“, изјави Шаќири за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Во Скопје кинопроекции има само во кината Синеплекс и Киноверзум, како и во Кинотеката на Македонија.
Б. НЕСТОРОСКА