ФЕСТИВАЛОТ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“ СЛАВИ ПОЛОВИНА ВЕК ПОСТОЕЊЕ, ЦЕЛО ВРЕМЕ ГО ОРГАНИЗИРААТ БИТОЛСКИ КАДРИ

    ФЕСТИВАЛОТ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“ СЛАВИ ПОЛОВИНА ВЕК ПОСТОЕЊЕ, ЦЕЛО ВРЕМЕ ГО ОРГАНИЗИРААТ БИТОЛСКИ КАДРИФестивалот почнува утре со изменета програма и со протокол за заштита; - Директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илијевски и селекторот на фестивалот „Илинденски денови“ Валентин Соклевски на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

    Јубилејното 50. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола почнува утре, со изменета програма од стандардната и со строги протоколи за заштита од коронавирусот.

    Наместо со дефилето низ Широк Сокак и големите концерти на народни игри и песни, поради превенција од ковид-19, Фестивалот утре ќе се отвори со изложбата на фотографии 50 години ЦИОФФ „За животот на традицијата“ во 20 часот во Центарот за култура. Дел од програмата во следните девет фестивалски денови ќе се изведува онлајн.

    „Ќирил Танчевски, долгогодишен фолклорен работник, велеше овој фестивал не може да опстане ако не го водат битолски кадри. Мора да има битолски кадри и да создава битолски кадри. Поради тоа имаме случаи да некои битолски фестивали повеќе да не се битолски зашто не оспособија кадровска структура. Фестивалот настојува да обезбеди кадровска структура и во Битола и во цела држава. Затоа семинарот го продолжуваме, иницираме лица од Битола да студираат на етнологија, етнокореологија и да се вклучуваат во организацијата на фестивалот. Дури имаме кадровска структура што ќе работи, фестивалот ќе живее“, рече на денешната прес-конференција Валентин Соклевски, селектор  на Фестивалот.

    Во живо ќе се одржи Саем за книги пред Центарот за култура на дела инспирирани од фолклорот и народната традиција и повеќе изложби. Публиката во ограничен број и со почитување на сите протоколи ја очекуваат четири концертно-вокални вечери во пациото во Завод и музеј на кои ќе настапат ансамбли, културно-уметнички друштва, музичари, а доколку состојбата со коронавирусот попушти, Фестивалот ќе биде заокружен во октомври со монографија и голем концерт на  Ансамблот за народни песни и ора „Танец“ кој сега требаше да се одржи на Хераклеја.

    „Културата не може да биде на респиратор сѐ додека има луѓе кое ќе работат до последниот ден и до последниот уметник. Онлајн ќе биде детската ликовна работилница, Семинарот на традицонална песна и игра, интернациналните вечери публиката ќе може да ги следи на социјалните мрежи и Јутјуб каналот на Центарот за култура. Во Магазата во 21,30 часот ќе се прикажуваат настапи на интернационални и гупи од нашата земја кои ни испратија видео материјали, па танцот што годинава ќе ни недостига на сцената во Битола ќе го гледаме онлајн“, рече Маја Андоновска-Илијевски, директорка на Центарот за култура, организатор на Фестивалот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира